Турција

Турските власти во Анкара уапсија седуммина осомничени членови на екстремистичката група Исламска држава, кои подготвувале напади, истакна јавниот обвинител на Анкара.
Уапсените, како што пренесуваат турските медиуми, подготвувале напади за турскиот национален празник на 29 октомври и за 10 ноември, датумот на комеморацијата на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на турската република.
Двајца од осомничените учествувале во оружени судири во Сирија. Засега не се открива идентитетот на уапсените лица.
Во годините по почетокот на судирите во Сирија во 2011 година, Турција беше едно од главните транзитни места за екстремистите, кои настојувале да заминат во Сирија.
Турција во 2015 и 2016 година беше цел на повеќе напади од страна на ИД, а во последниот ваков напад загинаа 39 луѓе, главно странски државјани, кој се случи во дискотека во Истанбул за време на новогодишната ноќ во 2017 година.