Анкара не добила ултиматум од Вашингтон за договорот за С-400, рече турскиот министер за одбрана Хулуси Акар во интервју за турскиот канал „Хабертурк“.
Коментарите на Акар доаѓаат по извештаите дека САД и поставиле ултиматум на Турција, заканувајќи се дека ќе ја исфрлат Анкара од програмата за борбените авиони Ф-35 ако турската влада не се откаже од руските системи за противракетна одбрана.
Министерот истакна дека нема да ги коментира претпоставки кога беше прашан како ќе реагира Турција ако САД наметнат санкции против Анкара.
– Ние дејствуваме во целосна согласност со обврските што ги презедовме – додаде Акар, нагласувајќи дека Турција целосно платила за испорака на Ф-35 од САД, а турски пилоти веќе се обучуваат за новите авиони.
Во меѓувреме, „Ројтерс“ цитираше два неименувани извори со познавање на ситуацијата, тврдејќи дека Вашингтон размислува да ја прекине обуката за турските пилоти бидејќи двете земји веќе со месеци се во вербален конфликт.
Пентагонот и Стејт департментот допрва треба да ги коментираат тврдењата. Турските пилоти во моментов се обучуваат во базата на воздухопловните сили во Аризона иако Пентагон веќе ги прекина испораките на опремата за Ф-35 во Турција.
Минатата недела, портпаролот на американскиот Стејт департмент, Морган Ортагус, изјави дека купувањето на рускиот С-400 ќе има многу реални и многу негативни последици. САД во многу наврати тврдеа дека С-400 не се компатибилни со воената опрема на НАТО и дека руските системи за воздушна одбрана претставуваат закана за Ф-35.
Анкара, од своја страна, инсистираше на тоа дека купувањето на тоа оружје е нејзина суверена работа и ја исклучи можноста за напуштање на плановите за купувањето С-400. Турската страна, исто така, истакна дека С-400 не се поврзани со безбедноста на Алијансата, САД или Ф-35 на кој било начин.