Турската влада денеска соопшти дека надворешниот притисок не е причина за одлуката на судот да го ослободи американскиот свештеник Ендру Брансон од домашен притвор.
– Ниту една турска институција, особено нашиот претседател, не подлегнаа на сите закани, притисоци и скандалозни изјави, изјави Јомер Челик, портпарол на владејачката Партија за правда и развој.
Случајот со американскиот свештеник суден во Турција, обвинет за тероризам и шпионажа, е и причина за дипломатската криза помеѓу Анкара и Вашингтон.
Брансон беше уапсен во декември 2016 година.
Тој денеска ќе пристигне со авион во воена база близу Вашингтон и најверојатно ќе ја посети Белата куќа.
– Мило ми е што е враќа. Тој многу страдаше и многу сме благодарни на голем број луѓе, изјави Трамп.
Запрашан дали ќе ги укине санкциите кон Турција, воведени поради апсењето на Брансон, Трамп рече дека немало никаков договор со Турција во врска со пуштањето на Брансон и укинувањето на санкциите.