Грција
Грција нема да биде доведена под принуда од некој што сака да ги искористи несреќните луѓе за свои интереси. Границите на Грција се граници на Европа, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Александрополис во врска со притисокот од бранот бегалци и мигранти на грчко-турската граница по одлуката на Турција да ги отвори границите за мигрантите, кои од 2015 г. се на нејзина територија, во знак на револт поради нападот врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници.
Тој таму ги пречека претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Објавувајќи детали од брифингот, грчките медиуми јавија дека граничната полиција соопштила дека најголемиот притисок сега е префрлен во јужниот дел на Еврос, при што група од 1.000 луѓе се обидела масовно да влезе во Грција, но била спречена.
Исто така, повикувајќи се на брифингот, медиумите објавија дека турските власти превезуваат луѓе во автобуси до одредени точки за да го зголемат притисокот врз грчките граници, но дека се надгледуваат сите влезни точки и ситуацијата е под контрола.
Во меѓувреме, претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, на Твитер објави дека ја надлетале грчко-турската граница. Во неделата Националниот совет за безбедност на Грција донесе одлука да го подигне нивото на обезбедување на државните граници и од тој момент во следниот еден месец нема да се примаат нови барања за азил, објави „360 степени“.