БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
Сараевскиот тунел на спасот, кој е пуштен во функција на 31 јули 1993 година, претставува еден од најзначајните културно-историски споменици од последната војна во БиХ
Во Сараево вчера беше одбележана 25-годишнината од прокопувањето и пуштањето во функција на тунелот што поминува под пистата на сараевскиот аеродром, а кој за време на војната во Босна и Херцеговина служеше за снабдување на населението и на босанската војска со храна и со друга опрема. По тој повод беше отворена изложбата „Спас во војната, спомени за мирот“ и беше промовиран аудиоводич на споменичниот комплекс на „Тунелот Д-Б“ на германски јазик.
„Тунелот Д-Б“ е познат и како Сараевски тунел на спасот, кој е пуштен во функција на 31 јули 1993 година. Тој денеска претставува еден од најзначајните културно-историски споменици од последната војна во БиХ.
Стручната соработничка и кустоска на музејската поставка, Белма Чузовиќ, во разговор за агенцијата Фена, го нагласи значењето на прокопувањето на тунелот и, како што рече, доколку не било сторено тоа сега би говореле за поинаква историја на Сараево и на БиХ.
– Низ тунелот се регистрирани околу два милиони поминувања за време на војната, за помалку од две години од неговата употреба. Низ него во градот се внесени доволни количества храна, оружје и муниција потребни за одбрана на Сараево за жителите да можат да преживеат – вели Чузовиќ.
Радио Сараево емитуваше разговор со еден од учесниците во изградбата на тунелот, Нусрет Халилбашиќ, кој бил припадник на Добрињската бригада, кој во тоа време бил ангажиран на тајната задача. Тогаш имал 44 години и како градежен инженер учествувал во пробивањето на тунелот.
– Еден ден во септември 1992 година на утринското постројување ни беше соопштено дека треба да работиме на тајна задача, односно на прокопување тунел под авионската писта, затоа што градот беше целосно опколен. Се бараа доброволци од градежната струка, за да биде прокопувањето стручно изведено. Претходно на тоа работеле од Цивилната заштита, но тоа беше мошне неуспешно. Веднаш се јавив за оваа задача – вели Халилбашиќ.
Тунелот на спасот е долг 720 метри, а неговата висина варира од метар и половина до метар и осумдесет. На самиот почеток тунелот е понизок и има висина од метар и четириесет сантиметри. Идејата за прокопување на тунелот била тајна првите три месеци, а на копачите им било забрането да им зборуваат за тоа и на своите најблиски во семејството.
– На ископот работеа двесте луѓе во три смени. Првиот ден ни дадоа поголем хуманитарен пакет со храна. Тоа беше голема радост во семејството, зашто немаше што да се јаде. Но тајната не можеше да остане долго скриена. По извесно време сопругата Азра забележа дека многу се хранам и ми вели: „Како што јадеш, изгледа некаде копаш“ – вели Халилбашиќ.
За изградба на тунелот биле користени материјали што во тие воени услови им биле на располагање. Од страната на Добриње се користеле железни шини, кои биле носени од разурнати фабрики. Од страната на Бутмир на располагање било поголемо количество дрвна маса. По еден месец напорен труд, тунелот бил пробиен од двете страни.
– Пробивањето се случи на 30 јули 1993 година во 23.10 часот. Таа ноќ никогаш нема да ја заборавам. Слушаме од другата страна удари на копачи. Во еден момент се појави една дупка. Веднаш се слушна вресок од работниците, кои беа радосни поради пробивањето. Од другата страна ни подадоа шише со ракија. Ископите од двете страни беа во приближен правец. Кај висината имаше мала разлика и го решивме тоа со рампа за да не се забележи – се присетува Халилбашиќ.
Низ тунелот веднаш почнаа да се превезуваат со колички разна опрема и храна, а се транспортираа и ранети борци. Следните денови беше спроведен напонски кабел и во градот Сараево беше донесена електрична енергија. На располагање беа 24 колички, кои носеа товар од 200 до 400 килограми. Тунелот се поминуваше за 15 до 30 минути во нормални услови. Просечно се чекало од два до три часа, а некогаш и цела ноќ кога имало гранатирање. Чекањето беше мошне непријатно. Немаше доволно воздух, а на луѓето им паѓаше тешко. Сепак, поминувањето на другата страна на авионската писта за многу сарајлии значеше живот.
– Да се биде на другата страна беше како да си отишол во Германија. Таму сите подруми беа претворени во продавници. Работеа нонстоп, во нив имаше јајца, конзерви, сирење, суво месо… Се плаќаше во германски марки и во други странски валути. Подоцна беа воведени босански бонови. Ние што го копавме тунелот имавме привилегија да поминуваме два или трипати месечно. Не преку тунелот, туку преку аеродромската писта за да се вратиме со храна за нашите семејства. Имаше многу шверц – додава Халилбашиќ.
Многу од учесниците во пробивањето на тунелот денеска не се меѓу живите. Ретко кој од нив сака да зборува за тие години. Луѓето се некако фрустрирани. За жал, изостана ветуваната награда за непроценливиот труд, но соговорникот на Радио Сараево, вели дека неговото срце е полно и е горд на она што Тунелот на спасот му го донел на неговиот град.