Косовското Собрание утре ќе одржи пленарна седница, на чиј дневен ред се три интерпелации за премиерот Рамуш Харадинај.
Првата интерпелација, според дневниот ред што денеска го објави собраниската служба за информирање, е поднесена од Движењето Самоопределување (ВВ) и се однесува на обвиненија за „корупција и организиран криминал во институциите и кај високи претставници на власта“, во врска со одлуката на Владата да исплати пенали во висина од 53 милиони евра за изведувачот на работите на автопатот Приштина-Скопје.
Втората и третата интерпелација се поднесени од пратеничките групи на ВВ и на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) – едната за финансиската состојба на јавните претпријатија Телеком и Пошти на Косово и другата за незаконски одлуки и конфликт на интереси на министерот за земјоделство Ненад Рикало.