Во водите на Атлантскиот Океан било забележано нешто налик на сигнална ракета, објавија синоќа во официјално соопштение од префектурата на карипскиот остров Мартиник, пренесува „Ла Паризиен“.
Сигналот бил забележан ноќта во недела кон понеделник во близина на областа што се пребарува, односно до каде се верува дека можеби допливале морнарите од потонатиот брод „Бурбон род“.
Сè уште се трага по седум морнари од бродот кој потона на 26 септември. Меѓу исчезнатите е и Дино Мишкиќ, капетан од Хрватска.
-Во понеделникот вечерта бродот „Алп страјкер“, најмен од групацијата „Бурбон“ се упатил кон областа каде што двајца набљудувачи тврдат дека забележале бели и црвени сигнали во траење од 20 секунди, а за кои се верува дека се можни повици за помош. Областа каде е забележан сигналот кореспондира со претпоставките за можната локација на потонатиот „Бурбон род“, но потрагата на ангажираниот „Алп страјкер“, засега не дала резултати – наведуваат од префектурата.
Регионалниот центар за спасување веднаш побарал од три трговски бродови да скршнат од курсот и да одат до областа каде што би требало да стигнат денеска. Центарот исто така побарал од секој брод во областа будно да го надгледува теренот.
-Од утрово, авион на американската крајбрежна стража Херкулес Ц-130 ќе ја надлетува областа – соопшти префектурата.
Во петокот префектурата објави дека го намалила обемот на потрагата што почна откако бродот потона на 26 септември. Од 14 члена на екипажот, тројца се спасени, телата на четворица се извлечени од водата, а седуммина се водат како исчезнати.
Покрај хрватскиот капитен Дино Мишкиќ, на бродот имало членови на екипажот од Украина и по еден Русин, Јужноафриканец и Филипинец.