Улогата на балканските медиуми е многу значајна за справување со новата закана по здравјето на милиони граѓани од регионот. Ако се гледа низ примерот на Македонија, традиционалните медиуми, односно весниците и телевизиите, беа на висината на задачата и во остварување на нивната функција на објавување вистински и навремени информации што се во насока на подобра заштита од коронавирусот
Посебно тело на Европската Унија што се занимава со детектирање дезинформации заклучило дека медиумите на Западен Балкан не се имуни од пласирање пропагандни вести за коронавирусот. Во документот, кој го објави Европската служба за надворешна акција, експертите предупредуваат дека постојат неколку ризици поврзани со ширењето дезинформации во врска со вирусот ковид-19 на балканските простори. Едниот се состоеше во користењето на епидемијата во партиска кампања, во пресрет на парламентарните избори во Македонија и во Србија, а и во протестите на опозицијата што беа во тек во Албанија и во Црна Гора. Заразата што се ширеше во балканските земји главно се користеше за „дискредитирање на политичките противници“, се наведува во извештајот на ЕУ, направен врз основа на известувањето на локалните медиуми во регионот, до кој дојде Радио Слободна Европа.
Експертите што ги следат балканските медиуми како пример го посочуваат поранешниот премиер на Албанија Сали Бериша, по првите случаи на заразени во оваа земја, кој објави дека „Владата ја чува во тајност појавата на коронавирусот“. Секако, во новинарското известување беше внесен и глобалниот аспект и за некаква „руска дезинформациска кампања“. Во Косово во информирањето за ковид-19 беше внесен и верскиот момент дека ова е „божја казна за тоа што на жените не им се дозволува да носат велови“!
Во почетокот на појавата на епидемијата во Кина, тоа беше објаснето и со постоење светски заговор, во што се вклучи и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ. Тој по гостувањето во Пекинг, во разговор за Радио-телевизија Србија, даде своја теорија за потеклото на вирусот, за кој рече дека „слушнал некои информации дека тој настанал во лаборатории“, а во исто време се запраша зошто тоа се појавило токму во Кина.
– Ваквите непроверени информации може да влијаат на нарушување на односите на земјата со други актери, кога се зборува за потенцијално сценарио дека вирусот е уфрлен – вели Драган Ѓукановиќ, професор на Факултетот за политички науки во Белград.
Светската здравствена организација повеќепати предупреди на опасноста од ширењето дезинформации, со што се загрозува борбата на научниците и медицинските лица против вирусот. Улогата на медиумите е многу значајна за справување со новата закана за здравјето на милиони граѓани во земјите од регионот. Ако се гледа низ примерот на Македонија, тие беа на висината на задачата и остварување на нивната функција на објавување вистински и навремени информации што се во насока за подобра заштита на здравјето на луѓето. Единствената „црна точка“ со пласирањето на информацијата од еден сајт за тоа дека „брашното од Македонија се носи со камиони на Косово“ не ја намали оцената за високата одговорност на македонските медиуми, особено на весниците и телевизиите, кои, заедно со медицинскиот персонал и безбедносните служби, се во првите редови борбени редови за спречување на ширењето на епидемијата.
– Објавувањето проверени и точни информации е единствениот начин да се намали паниката, која е сѐ поприсутна во регионот. Клучната улога во тоа ја имаат медиумите. Главната улога на медиумите во оваа состојба е да ја вратат довербата на луѓето во институциите и во науката. Луѓето треба да научат да не наседнуваат на разни облици на скандалозно и сензационалистичко информирање. Неопходно е на луѓето преку пласирање официјални и стручни информации да им се објасни што значи вирусот и како да се заштитат – вели за РСЕ Сандра Башиќ Хрватин, медиумска експертка од Словенија и професорка на Факултетот за хуманистички студии во Копар.
Директорот на црногорскиот „Медија центар“, Горан Ѓуровиќ, посочува на тоа дека присутната паника кај населението (која се манифестира и преку купување поголемо количество храна), покажува колку граѓаните не се медиумски писмени, односно не прават разлика меѓу вистинска и лажна вест.
– Мораме повеќе да работиме на подобрување на медиумската писменост на граѓаните, за да знае црногорската јавност како и на кој начин да ги анализира и да ги прифаќа информациите. Основно е да знаат граѓаните да прават разлика меѓу тоа што е проверена информација, која е објавена во традиционалните медиуми, и што е лажна или полуинформација на општествените мрежи – нагласува Ѓуровиќ.