Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел за состојбата во регионот и за мигрантската криза, информираа од неговиот кабинет.
Во разговорот Вучиќ и пренел на германската канцеларка Меркел дека смета, Регионалната економска зона и изградбата на авто-патот Ниш-Приштина да се од големо значење за Западен Балкан и ја замолил со својот авторитет и углед да ја забрза реализацијата на овие проекти.
Вучиќ ја издвоил Регионалната економска зона како проект од клучно значење за иднината на Србија и на целиот регион, бидејќи би привлекла повеќе инвестиции и би го забрзала протокот на луѓе, стоки, капитал и на услугите.
Двајцата соговорници разговарале за регионалната соработка во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, за да ги согледаат можностите од резултатите на самитот и нивната примена на Западен Балкан, со цел на унапредување на соработката во регионот.
Вучиќ и Меркел разговарале и за дијалогот меѓу Белград и Приштина и се согласиле дека разговорот е неопходен и дека зачувувањето на мирот и постигнувањето на компромисно решение се од клучно значење за двете страни.
Двајцата соговорници разговарале и за мигрантската криза, како и за мерките кои Србија ги има превземено и ќе бидат превземени во иднина, како би се продолжила одговорната политика кон тоа прашање, се наведува во соопштението од кабинетот на српскиот претседател.
На самиотот во Лондон учествува српска делегација предводена од премиерката на Србија Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.