Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека одлуката на претседателот на Србија Александар Вучиќ да го подигне нивото на готовност на војската на Србија е популистичка мерка, јавува „Б92“.
– Претседателот на Србија добро знае дека не може да тргне кон Косово. Тоа е нешто невозможно и незамисливо и тој и самиот е убеден во тоа. Но, за секој случај, институциите на Косово, вклучувајќи и ги Безбедносните сили на Косово исто така се подготвени за реакција. Популистичките изјави не се закани за војна, туку за внатрешна употреба за да ги придобие симпатиите во Србија – рече Тачи.
Тачи по седницата на Советот за национална безбедност потенцираше дека утринава во акцијата на косовската полицијата на северот од Косово е уапсен и еден Русин, за кој наведе дека бил „маскиран со статусот на дипломат“ и дека имал за цел да и попречува на работата на полицијата.