Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска изјави дека очекува договор меѓу Србија и Косово да биде постигнат најдоцна до март 2019 година.
Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска имаа одделни средби со европската претставничка Федерика Могерини, пред нивната заедничка средба планирана за подоцна во текот на денот. Тачи разговараше со новинари на Дојче Веле, на кои им изрази надеж дека за помалку од една година ќе има договор за статусот на Косово и другите отворени прашања.
– Нормализирањето на односите е единствениот сигурен пат, и тоа треба да се базира на признавањето на независноста на Косово, како и на целосното почитување на правата на Србите, изјави Тачи.
Вучиќ не дал изјава пред неговата средба со Могерини, јави Танјуг.