Претседателот на Косово Хашим Тачи, кој престојува во Вашингтон за Молитвениот појадок во организација на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти дека се сретнал со државниот секретар на САД, Мајк Помпео и со претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и дека од двајцата добил поддршка за постигнување договор со Србија.
Тачи информацијата ја соопшти преку својот профил на Фејсбук, каде што објави и фотографии од средбите со Помпео и Пелоси.
– Како и секогаш, посебно задоволство е да се разговара со државниот секретар на САД, Мајк Помпео. И денеска, на Молитвениот појадок, разговаравме за развојот на настаните во Косово и во регионот на Западен Балкан. Уште еднаш се потврди целосната поддршка од САД за дијалогот и за постигнување сеопфатен и конечен договор меѓу Косово и Србија, напиша Тачи.
Слична објава, дваесетина минути подоцна, косовскиот претседател имаше и за средбата што ја имал со спикерката на Претставничкиот дом, која, за разлика од Помпео, кој е републиканец, доаѓа од редовите на Демократската партија.
– Ненси Пелоси е стара пријателка на Косово и за тоа и изразив признание за време на Молитвениот појадок. Во Вашингтон, кога е во прашање Косово, сите говорат со еден глас во поддршка на мировниот договор, напиша Тачи покрај сликата со Пелоси.
Тачи, министерот за надворешни работи Беџет Пацоли и неколку пратеници во Собранието на Косово учествуваат на годинешниот молитвен појадок во Вашингтон, кој традиционално се одржува првиот четврток во месец февруари.