Албанскиот Институт за статистика ИНСТАТ соопшти дека во Албанија од година во година има сè помалку ученици во основото и средното образование и студенти на факултетите.
– Стареењето на населението и постојаната емиграција, а во помал процент и желбата да се студира во странство, предизвикаа голем пад на бројот на ученици и студенти, се наведува во соопштението на Институтот, според кој, во последните четири учебни години бројот на ученици и студенти се намалил за 134.000.
Во учебната 2017/2018 година биле запишани околу 653.000 ученици и студенти, наспроти 2013/2014 година кога имало 787.000. Во текот на минатата учебна година, споредено со преходната, бројот на ученици и студенти е помал за 3,8 отсто.
Намалување е забележано во сите циклуси на образование, но најголемо е во високото. Само минатата академска година имало 7,3 отсто помалку новозапишани студенти, споредено со претходната академска година.
Се проценува дека надвор од земјата студираат околу 25.000 албански студенти.
Инаку, поради масовната миграција која низ светот однесе над 1,2 милиони албански граѓани, како и определбата на младите да имаат по едно до две деца, видно опаѓа и наталитетот.
Така, во првиот квартал годинава, според ИНСТАТ, регистрирани се 5.669 новороденчиња, што преставува 18 отсто помалку во споредба со истиот период лани.