Судиите на Европскиот суд за човекови права и претставниците на правосудните институции од седум држави на Југоисточна Европа ќе дебатираат за „Независност и непристрасност на судството“, што е тема на Форумот за владеење на правото во Југоисточна Европа, кој се одржува во Дубровник.
Форумот ќе им даде можност на европските правни експерти да говорат за примената на праксата на Европскиот суд за човекови права за независноста и непристрасноста на судството и предизвиците со кои тие се соочуваат.
За време на четирите сесии, учесниците ќе разговараат за клучните критериуми за утврдување на независноста и непристрасноста на судството, односот помеѓу независноста и непристрасноста со другите членови од Европската конвенција, улогата на судството, медиумите и другите гранки на власта, како и клучните предизвици и добрите практики во регионот на Западен Балкан.
Целта на форумот е да ја промовира имплементацијата на Европската конвенција за човекови права на државно ниво, да ја поттикне регионалната соработка во континуираниот развој на владеењето на правото и човековите права и да обезбеди помош во процесот на интеграција на регионот во Европската Унија.