Студентските протести ја вратија албанската опозиција во законодавниот дом, чија работа ја бојкотира подолг период.

Додека во Парламентот се одвива жешка расправа, пред него протестираат повеќе илјади студенти, бараат исполнување на нивните барања, извикувајќи „Намалете ги тарифите“.

Премиерот Еди Рама, до кого се упатени повиците од студентите, од собранската говорница призна дека револтот на студентите бил удар и за Владата и за опозицијата, но додаде дека барањата на студентите треба да се решат со дијалог.

-Подготвен сум да разговарам со нив, но дали сакаат студентите?! Таквите удари треба да не направат посовесни. Барам дијалог не за да го одложам решението или да го продолжам во недоглед, туку да отворам поглавје. Осумте барања може да се реализираат и ние сме подготвени за тоа – истакна премиерот.

Тој посочи дека и собраниската сала е отворена за студентите каде може да разговараат.

Пред Парламентот студентите извикуваа „Владини приказни! Донеси одлуки!“

Од собраниската говорница се обрати и министерката за образование Линдита Никола, која рече дека е подготвена да ја превземе целата одговорност.

-Студентите се во право. Дали проблемот со нашето високо образование е цената на знаењето или квалитетот со кој знаењето се пренесува? Новиот закон создаде услови за нова ера во високото образование, но законот треба да се спроведе и потребно е време. Денес, со студенти на протест, секој има право да го покаже со прст, никој не би сакал да биде на моето место. Подготвена сум да ја преземам сета одговорност -изјави Никола со треперлив глас.

Пратениците од опозицијата, кои за се ја обвинуваат Владата, се очекува да предложат амандмани за измени во новиот Закон за високо образование.

Досега регистрани се два помали инцидента, првиот кога еден од пратениците на опозицијата не му дозолуваше на Рама да говори и вториот кога демократот Лучиано Бочи го фрли Законот за високо образоване кон Рама.