ЦРНА ГОРА
Од почетокот на годината во Будва биле склучени 175 брака, а повеќе од една третина биле странски двојки. Поради тоа, овој приморски град со години го носи епитетот црногорски Лас Вегас. Ова лето, освен Црногорци, во овој град во брак стапиле и двојки од Русија, Белорусија, Украина, Словачка, Норвешка, Турција, Англија, Канада и од други држави во регионот, објави РТЦГ.
Жана Капа, матичарка од општината Будва, изјави дека во следните месеци се најавени нови венчавки, така што се очекува годинава да биде подобра во однос на лани.
– Во 2017 година се заклучени 233 брака, додека во 2016 година, имало 205. Очекувам годинава да има повеќе венчавки – изјави Капа за РТВ Будва.
Најчести места на кои младенците сакаат да го изговорат своето судбоносно „да“ се јахти, плажи, острови, хотели, ресторани. Секогаш има специфични барања на кои треба да им се излезе во пресрет од матичната служба.
– Будва сама по себе станува атракција за странските туристи, кои одлучуваат да стапат во брак додека се на летен одмор. Имаме невообичаени барања и за необични дестинации. Ние сме тука да им овозможиме да стапат во брак – вели Капа.
За склучување на бракот во просториите на општината треба да се плати 30 евра, но доколку матичарот треба да оди на друго место, потребно е да се уплатат 150 евра.