Бродот „Јадран“, стар 85 години, кој бил изграден за потребите на Воената морнарица на Кралството Југославија, предизвика спор меѓу Хрватска и Црна Гора.
Бродот-едреник во моментов е дел од црногорската Воена морнарица и е стациониран во пристаништето во Тиват, но Хрватска инсистира „да и биде вратен“, што Црна Гора го одбива.
Во периодот на некогашна СФР Југославија, база на 60-метарскиот брод било пристаништето во Сплит, но во 1990 година тој бил испратен на ремонт во Црна Гора, каде и останал со почетокот на конфликтот.
Хрватска тврди дека бродот бил „незаконски“ однесен од пристаништео во Сплит, каде што „од секогаш престојувал“ и затоа бара од Црна Гора да и го врати.
Подгорица, од своја страна, смета дека со Договорот за сукцесија на поранешна Југославија, неа и припаѓаат сите објекти, оружја и опрема, што во време на распадот на државата се наоѓале на нејзина територија.