Новоформираните хрватски компании во информатиката стануваат сѐ поконкурентни на глобалниот пазар, а извозот од оваа дејност ги надминува традиционалните стопански дејности, како што се производството на мебел, фармацијата и производство и преработката на храна

Xрватска

Хрватска е зафатена со технолошка треска. Во хрватскиот технолошки сектор расте бројот на фирмите што стануваат конкурентни глобалниот пазар. Во изминатиот период две стартап-фирми беа главна инвестициска цел за преземање од странски компании. Во едната компанија од информатичката дејност процесот на преземење е завршен од шведски инвеститор, а двајцата млади Хрвати заработија по двесте милиони куни од продажбата на фирмата што сами ја основале. „Инфобип“ е првото хрватско високотехнолошко претпријатие што вреди повеќе од милијарди долари, додека „Римац автомобили“ преговара со германски партнер за преземање друга странска фабрика за автомобили и со тоа може да биде втората хрватска стартап-компанија што вреди над милијарди долари. И други странски компании отвораат свои претставништва од областа на ИТ-технологијата и секторот за мобилна технологија, пишува „Јутарњи лист“.
Фране Шесниќ, директор на најголемиот хрватски простор под кој работат повеќе од сто стартап-фирми, вели дека овие успеси не се случуваат наеднаш.

– Успехот не доаѓа набрзина и прекуноќ, бидејќи повеќето од нив дејствуваат над десет години. Вложен е исклучителен напор на поединците во овие мали фирми за да се организираат и да се одржат на глобалниот пазар – вели Шесниќ за „Јутарњи лист“.
Како што забележува Давор Руње, претседател на Здружението на независни извозници на софтвер (ЦИСЕх), карактеристично за овие компании во Хрватска е што тие настанаа без никаков или слаб пристап до капиталот. Нивниот развој се базира на знаење и бележат неверојатни успеси на глобално најконкурентниот пазар на информатички иновации.
Пред две години Хрватската стопанска комора објави извештај за состојбата на хрватската ИТ-индустрија, која имаше вкупна вредност од 21 милијарда куни, со извоз поголем од шест милијарди куни. Тогаш оваа индустрија вработуваше повеќе од 36.000 работници и извезуваше повеќе од металната индустрија, производството на мебел, фармацијата и прехранбената индустрија. Се очекува во 2025 година приходот на домашните ИТ-компании да достигне до 45 милијарди куни.

Според анализата за хрватската ИТ-индустрија, која е објавена од ЦИСЕх, прометот бил 13,35 милијарди куни, а се очекува годинава, и покрај епидемијата, бројот на вработени да порасне за 10,8 отсто.
Наспроти видливиот раст, ИЦТ-индустријата во Хрватска сѐ уште не е дефинирана како стратегиска. Трите најголеми грански здруженија, ЦИСЕх, ХУП ИЦТ и ХГК ИТ, ја повикаа хрватската влада целосно да се спроведе стратегијата за развој на овој сектор, како и да се искористат повеќе средства од европските фондови за развој на информатичката технологија.