Во овој момент е тешко да се прогнозира каква ќе биде политиката на новите органи на ЕУ кон Западен Балкан, но треба да се биде „внимателен оптимист“, особено кога станува збор за проширувањето
Новиот состав на Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, ќе продолжи да ја следи состојбата на Западен Балкан, но проширувањето на Унијата нема да биде приоритет на официјалната политика на Брисел. Експертите, со кои се консултира „Данас“, велат дека е потребно да се почека и да се види кој ќе го води секторот за проширување и соседска политика, односно дали Јоханес Хан ќе го задржи овој ресор, односно во која мера новиот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел ќе му се посвети на Балканот.
Ерки Баховски, поранешен функционер на Европската комисија и надворешнополитички новинар од Естонија, вели дека во овој момент е тешко да се прогнозира каква ќе биде политиката на новите органи на ЕУ кон овој дел, и препорачува дека треба да се биде „внимателен оптимист“, особено кога станува збор за проширувањето.
– Јункер, кој е претседател на ЕК во заминување, проширувањето го стави на режим на чекање. Урсула фон дер Лајен, која е од Германија, треба да се потсети дека нејзината земја го поддржува проширувањето кон Истокот, затоа што бара стабилност на источната граница. Германија е заинтересирана да се осигури јужната граница на ЕУ. Од друга страна, процесот на проширување го губи еден од најголемите приврзаници, Велика Британија. Новото раководство на ЕК ќе мора да се соочи со брегзит , и во тоа главниот збор ќе го водат лидерите на Франција и на Германија. ЕУ треба да стане посилна, а тоа значи внатрешна консолидација и јакнење на соработката – вели Баховски.
Со прашањето за Западен Балкан најмногу ќе се занимава Борел, досегашниот шеф на шпанската дипломатија. Шпанија одбива да ја признае независноста на Косово и можно е таквиот став да влијае и на надворешната политика на ЕУ. Но, сепак, темата за Западен Балкан е во надлежност на комесарот за проширување, и ако добие јасен мандат, состојбата би била почиста. На крајот проширувањето ќе зависи од остварувањето на земјите од регионот, појаснува Баховски.
Франц-Лотар Алтман, германскиот политиколог и професор по меѓународни односи на Универзитетот во Букурешт, вели дека новата претседателка на ЕК нема големо лично искуство со Балканот.
– Досега ЕК била позитивна кога е во прашање политиката кон Западен Балкан, но се очекува новата претседателка да води потранспарентна и појасна политика од Јункер. Тоа не значи дека таа ќе биде понегативна, но ќе ги разгледува забелешките на многу држави во Унијата, кои сакаат ЕУ појасно да се постави кон појавите како што е стабилократијата, а тоа е стабилноста да биде поважна од реформите и владеењето на демократијата. Ако вака се постави претседателката на ЕК, тоа може да доведе до значителен исчекор во државите од Западен Балкан, вклучувајќи и јакнење на цивилното општество. Се надеваме и на поголемата волја на политичарите да се соочат со проблемите што се наведени во извештаите на ЕК, како што се корупцијата, воспоставувањето владеење на правото, слободата на медиумите, добрососедските односи… – вели Алтман.
Новиот состав на Европската комисија, која ја презема должноста во ноември, ќе треба да ја преземе водечката улога во проширувањето и да издејствува отворање структурни и кохезивни фондови на Унијата, а тоа се средства што засега земјите-кандидати можат да ги добијат кога ќе станат членки на ЕУ, се наведува во анализата на центарот за европски политички истражувања.
Добриот познавач на состојбите во Западен Балкан, Ерван Фуере, во своите претходни анализи посочува на неопходните „политички препораки“, а особено да се спроведе стратегијата на ЕУ за проширување од февруари 2018 година и да се наведат многу повидливи насоки за поттикнување на процесот за проширување. Фуере препорачува до Европската комисија и до Европската служба за надворешни работи, заедно со членките на Унијата, да вложат поконкретни дипломатски напори за решавање на билатералните спорови на подрачјето на Западен Балкан. Како заклучок, Фуере нагласува дека новата Европска комисија треба и официјално како цел да го постави отворањето на преговорите со сите партнери во регионот.