Хрватска и Србија би можеле да влезат во дипломатска војна доколку српската влада остане доследна на најавите за прогласување некој хрватски министер за непожелна личност. Во тој случај хрватската влада ќе го повлече својот амбасадор од Белград на консултации.
Медиумите во Хрватска вчера шпекулираа со вакво сценарио, затоа што на вчерашната седница на Владата на Србија требаше да бидат донесени контрамерки поради забраната на влез на српскиот министер за одбрана Александар Вулин во Хрватска. Весникот „Вечерњи лист“ објави текст во кој се наведува дека Србија во последните неколку дена, по јавувањето на аферата „Вулин“, се потврди како фактор на проблеми на југоистокот на Европа. Тоа што е позитивно во најновото „заладување“ на односите меѓу двете соседни земји е што нема да дојде до прекин на економските и трговските односи, кои сѐ повеќе се подобруваат.
Медиумите вчера лицитираа со имињата од хрватските министри што би можеле да се најдат на удар на реципрочните мерки на Србија. Како „непожелни“ лица се споменуваат министерот за одбрана на Хрватска, Дамир Крсичевиќ, и министерот за воени ветерани, Тома Медвед. Со ова би се израмниле сметките за забрана на влез на српскиот министер Александар Вулин поради неговите изјави во пресрет на одбележувањето на комеморацијата во логорот Јасеновац.
Најновото заладување на односите меѓу Хрватска и Србија е продолжување на тоа што се случуваше при посетата на претседателот на хрватскиот сабор на Белград. Притоа, пратеникот во српското собрание Војислав Шешељ го газеше знамето на Хрватска и ја навредуваше и пцуеше хрватската делегација. Потоа следуваше изјавата на Вулин дека за неговата посета на Јасеновац може да одлучува само врховниот командант на Војската на Република Србија, Александар Вучиќ, а никако не можат за тоа да одлучуваат хрватските министри. Оваа изјава од Министерството за надворешни работи на Хрватска беше оценета како непримерна и неприфатлива и претставува обид за негирање на суверенитетот на Република Хрватска. Епилогот од ова е тоа што на Вулин му беше порачано дека не е добредојден во Хрватска.