Од хрватската национална телевизија било побарано при информирањето за Косово како единствен извор да се користи РТК
Во информативните емисии на ХРТ прилогот за последните избори на Косово беше најавен со државното знаме на Србија, кое стоеше цело време во заднината на водителката на националната телевизија на Хрватска додека се емитуваше прилогот, што предизвика јавна реакција од пратеничката од албанското малцинство Ермина Лекај Прљаскај.
За овој пропуст вчера информираа повеќе медиуми во Хрватска, кои во целост ја пренесоа пораката на албанската пратеничка, која ја објави на социјалните мрежи, по одржаниот состанок со раководството на ХРТ. Таа напиша дека од телевизијата се извиниле за графичкиот проблем, како и за тоа што било договорено на средбата со косовскиот амбасадор во Загреб, Гезим Касаполи, и со раководителот на ХРТ, Казимир Бачиќ, и уште двајца уредници.
– Побаравме јавно извинување од страна на ХРТ, од каде што ветија дека ќе биде поведена постапка против тројца вработени што „ненамерно“ направиле пропуст. Исто така е договорено ХРТ да ги повика на гости во информативно-политичките програми косовскиот амбасадор и албанската пратеничка. Двете страни се договориле екипа на ХРТ да го посети Косово, која ќе сними една документарна едукативна емисија за Косово – напиша пратеничката Прскаљај.
Најголеми коментари во хрватските медиуми имаше за барањето упатено кон ХРТ како единствен извор за информации поврзани со состојбата на Косово да биде исклучиво косовската телевизија РТК. Некои од медиумите тоа го протолкуваа како „притисок“ врз информирањето. ХРТ и РТК имаат спогодба за соработка, но таа соработка не се применува во практиката.
Хрватска ја има признаено независноста на Косово од Србија.