Трудовата експлоатација е глобален проблем што не ја заобиколи ни Србија, која од минатата година има усвоено стратегија за превенција и спречување на трговијата со луѓе. Во Европа има сѐ повеќе случаи на трговија со луѓе, при што целта е нивно работно искористување, беше речено на дебатата насловена „Работење со почитување на човековите права“, која се одржа во организација на Советот на Европа (СЕ).
Тим Катрајт, шефот на СЕ во Белград, нагласи дека во Европа постојат сѐ повеќе случаи на трговија со луѓе и затоа производите не треба да се гледаат само низ цената, туку при купувањето да се размислува и од аспект дали зад нив има трудова експлоатација. Најранливи категории се децата, бегалците мигранти, а експлоатацијата најчесто се случува во земјоделството, текстилната индустрија, угостителството, градежништвото и кетерингот.
Тамара Вуксановиќ, консултантка во Советот на Европа, вели дека во Србија трудовата експлоатација не се препознава доволно, а малку случаи добиле судски епилог, како тоа дека малку се прави и за нејзино спречување. Српските работници се често предмет на искористување од работодавците, а и самата земја е транзитна зона. Најчести жртви се оние што бараат работа и оние што се неквалификувани, нагласува Вуксановиќ.
– Постојат предрасуди дека тоа може да им се случи само на наивните. Трудовата експлоатација може да им се случи на сите – предупредува Тамара Вуксановиќ.
Националниот координатор во борбата против трговија со луѓе Митар Ѓурашковиќ, потсети на усвоената Стратегија за превенција и спречување на трговијата со луѓе, во која се одредени обврските за сите учесници од државните органи, синдикатите и невладините организации.
Како пример за трудова експлоатација беше спомената и изработката на електричните автомобили во кои главна компонента е кобалтот, кој се набавува од африканските земји во кои децата се користат како работна сила.