Србија

Пратениците на српскиот парламент, според најавите, треба да ја изберат нова српска влада. Во таа насока, претседателот на парламентот Ивица Дачиќ вчера свика седница со една точка на дневниот ред, избор на Влада и заклетва на претседателот и членовите на Владата. Како што претходно беше утврдено со Законот за министри, новата влада ќе има 21 министерство и еден или двајца министри без ресор. Интересно е што во српскиот парламент деновиве пристигна предлог-закон за министерства што предвидува Владата на Србија да добие уште три нови ресори. Меѓу новите министерства во Србија ќе бидат Министерството за човекови и малцински права и социјален дијалог, Министерството за семејна грижа и демографија, како и Министерството за грижа на селата.

Според пишувањата на српските медиуми, мандатарката за состав на новата влада, Ана Брнабиќ, најпрво ќе го претстави планот за работа на идните министри, по што треба да следуваат парламентарната расправа и гласањето за новиот состав на српската влада. Брнабиќ претходно неколкупати најавуваше дека во новата влада министер за надворешни работи ќе биде Никола Селаковиќ, додека министер за внатрешни работи ќе биде Александар Вулин, а министер за одбрана во српската влада ќе биде Небојша Стефановиќ.