Набавката на нови авиони е проследена со долга процедура и разни лобирања

СРБИЈА

Србија заостанува според бројот на борбени авиони во однос со соседните земји што се во НАТО, а за десет години може да се соочи со опасност воената авијација да поседува застарени и ислужени летала

Српското воено воздухопловство според бројот на борбените авиони е супериорно во однос на војските од поранешните југословенски републики. Но поради застојот во процедурата за набавка на нови современи борбени летала, постои опасност Србија да се соочи со хрватското сценарио. Тоа значи дека не ќе може да смета на постојните авиони, кои се веќе на крајот од експлоатацискиот период. Балканската безбедносна мрежа пишува дека Србија заостанува зад соседните НАТО-држави, како што е Унгарија, која од 2007 година располага со ескадрила на современи шведски авиони „грипен“. Романија се „поднови“ со 17 половни авиони од типот „Ф-16“, кои се модернизирани. Наскоро Бугарија ќе купи осум нови авиони „Ф-16“, за што веќе се одобрени средства од буџетот во висина од 1,25 милијарда долари.
Воениот воздушен арсенал на Србија се состои од десет авиони ловци „миг-29“ и од дваесетина јуришни и школски борбени авиони „орел“ и „супергалеб“. Со ова таа е воено доминантна над земјите од поранешна Југославија, кои освен Хрватска и не располагаат со борбени авиони.

Од порталот потсетуваат на намерите на Србија во наредниот период да купи 20 авиони од САД, но станува збор за јуришна или школско-борбена авијација, додека за ловечките задачи ќе се определи за добро познатите „мигови 29“. Авијацијата на српската војска се состои претежно од половни авиони од руско производство, чиј експлоатациски период истекува од 2027 до 2031 година. Ова е премал период за обновување на воздухопловниот арсенал, ако се знае досегашното искуство на државите, кое се сведува на долги процедури за избор и преговори за испорака од потенцијалните доставувачи, а крајниот исход може да биде неизвесен. Конкретен пример за тоа е Хрватска, која моментално ги користи половните авиони „миг-21“, чиј рок на употреба истекува, а сѐ уште не е пронајдена соодветна замена.

– Процедурата за набавка на нови авиони во Хрватска се одолжи во недоглед. Како замена за постојните „мигови“ беа споменувани шведските „грипен“, нови или половни „Ф-16“, половни „миражи“. Поради комплицираната бирократска процедура, недостигот од пари и политички лобирања во Военото воздухопловство, Хрватска остана без авиони – пишуваа медиумите во Хрватска. Балканската безбедносна мрежа информира дека пет земји од регионот (Црна Гора, БиХ, Македонија, Албанија и Словенија) не поседуваат воена авијација, а заштитата на небото му ја препуштиле на НАТО.

– Околностите во кои се наоѓа целата светска економија поради пандемијата на корнавирусот, не е наклонета кон процесот за обновување на воениот арсенал, а прашање е кога државите повторно ќе бидат во состојба да влезат во ваква инвестиција – се заклучува во анализата порталот.

Воениот аналитичар Александар Радиќ, за „Гласот на Америка“, вели дека српскиот претседател Александар Вучиќ одлучил да направи свртување кон Американците, а сето тоа се поврзува со преговорите за решавање на проблемот со Косово. Според неговото мислење, изборот на воените средства што биле купувани никогаш не бил реална последица на потребите на војската на Србија, колку што бил важен „фактот“ тоа да биде купено од Русите, Кинезите, Германците или од Французите.

– Американците беа исклучени и мислам дека сега политичката идеја е да се купи нешто од нивното наоружување, нешто што ќе звучи добро и што може добро да биде претставено – објаснува Радиќ, кој се осврна на најавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека се планира набавка на нови борбени авиони.
Тој смета дека проектот за модернизирање на авионите „орел“ се во длабока криза и оттука и мотивот да се влезе во приказната за американските „Т7А“, а тоа е авионот што според перформансите е приближен на „орел“.

– Станува збор за наменски школски авион, кој влегува во американското наоружување од 2023 година, но пред јавноста се споменува како бомбардер – забележува Радиќ.
Американскиот авион може да се модифицира, со што може да биде за повеќенаменски цели, а кој е приспособен на можностите на посиромашните земји, кои не можат да си дозволат современи борбени авиони.