Србија сака да го преземе објектот на поранешната амбасада на Југославија во Москва, чија вредност се проценува на 16 милиони долари, но на тоа се противат другите земји-наследници. На последниот состанок на Заедничкиот комитет за распределба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, што се одржа на почетокот на овој месец во Сараево, претставниците на Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија и на Македонија, се спротивставиле на барањето овој објект да ѝ припадне само на Србија.
Како што дознава „Аваз“, за зградата во Москва била отворена жолчна расправа. Образложението на Србија било дека овој објект бил граден со нивни средства. На состанокот немало никаков конкретен договор за распределба на имотот меѓу државите-наследнички, а следниот состанок е закажан за септември годинава.
Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Србија, Вељко Одаловиќ, на гостувањето во една српска телевизија изјави дека на последната средба во Сараево била извршена поделба на објектот во Анкара меѓу Србија и Босна и Херцеговина, но дека српската страна целосно ја исполнила обврската кон БиХ, за преотстапување на нивниот дел.
Извори од Владата на БиХ за „Аваз“ велат дека не им е познат мотивот за оваа изјава на Одаловиќ, затоа што зградата на амбасадата на поранешна СФРЈ во Анкара од поодамна ѝ припаѓа на БиХ. Србија, според овој договор, продолжила да ја користи зградата под кирија, со обврска да исплати 600 илјади долари.
– Оваа сума и помошта од Турција се искористени за адаптирање на зградата во Анкара, во која во септември официјално ќе биде отворено реновираното дипломатско претставништво на БиХ – вели извор за „Аваз“.
Истиот извор информира дека на состанокот во јули во Белград, српскиот претставник се обидел на другите земји да им го наметне својот став комплексот во Москва да ѝ припадне на Србија.