Пензионерите и граѓаните постари од 65 години вчера можеа да пазарат во супермаркетите во сите делови на земјата во периодот од четири до седум часот. Ова е мерката што ја донесе српската влада, за да можат старите лица да се снабдат со основните потреби, а тоа да го прават безбедно само во неделите во наведениот термин. Редовите пред продавниците беа големи.
Сите вработени во трговските објекти мораат да носат маски и заштитни ракавици, а маски им беа делени и на пензионерите. Тие мора да се движат на два метра растојание од друг купувач, а колоните пред продавниците беа стотина метри од објектите. Пензионерите може да се движат во недела од три часот, а најдоцна до осум часот наутро. За нив важи целосна забрана за движење на отворено.
Во Србија вчера беа регистрирани уште 17 нови случаи на заболени од коронавирус, а вкупниот број се зголеми на 188. Во саботата во Белград пристигнаа медицински екипи од Кина, кои донесоа и опрема за полесно справување на епидемијата во Србија, која претходно ја побара српскиот претседател Александар Вучиќ.