Речиси сите пратеници од српската опозиција одлучија денеска да не присуствуваат на посебната седница на Парламентот, на која говореше претседателот на Словенија, Борут Пахор.
Пратениците на Демократската партија (ДС) на влезот во српскиот Парламент му предадоа на Пахор материјал за нападите врз претставниците на опозицијата и медиумите, како и фотографии на протестите кои се одржуваат два месеца против актуелната Влада во Србија. Притоа тие му порачаа дека не се откажуваат од европскиот пат и европските вредности.
Претставниците на опозицијата се извинија за бојкот на седницата и истакнаа дека тоа е направено затоа што српскиот претседател Александар Вучиќ го „ставил Парламент во својот џеб“.
Тие повикаа на поголема поддршка од ЕУ за граѓаните во борбата за владеење на правото во Србија.
Пратеникот на Нова странка (НС) и поранешен српски премиер Зоран Живковиќ им изјави на новинарите во српскиот Парламент дека одлуката да не присуствува на денешната седница е помало зло.
Според него, пратениците кои ја донеле оваа одлука, не сметаат дека бојкотот е крај на приказната и цел, туку е средство за сериозна стратегија во борбата против сегашниот режим.
-Мораме да преземеме активна борба против овој режим и тоа не го исклучува бојкотот… но мора да знаеме што ќе правиме утре, додаде Живковиќ.
Потпретседателот на Народната партија, Мирослав Алексиќ, претходно изјави дека членовите на партијата не сакаат да учествуваат во создавањето привид на демократија.
На седницата не присуствуваа пратениците од Демократската партија, Двери, Народна партија, Демократската партија на Србија, Социјалдемократската партија, Партијата на модерна Србија, Доста беше, Нова партија и независните пратеници.
Покрај пратениците на владејачките партии, на седницата присуствуваше Чедомир Јовановиќ од Либерално-демократската партија, пратеници на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Српската радикална партија на Воислав Шешељ и Партијата за демократска акција на Санџак.