Здравствените власти во Србија и во Црна Гора предлагаат заострување на режимот за справување со епидемијата на коронавирусот, која последните денови добива интензитет, според бројот на новозаболените лица. Српскиот епидемиолог Предраг Кон, по повод актуелната епидемиолошка состојба во Србија, изјавил дека земјата нема друга алтернатива освен воведување вонредна состојба. Кон потсети дека медицинскиот дел од Кризниот штаб предложил вонредна состојба и затворање на сè освен аптеки, продавници за храна и бензински пумпи, истакнувајќи дека за пандемијата резултат може да даде единствено целосно спречување контактите. Србија, која е водечка земја во регионот според вакцинираните граѓани, има зголемен број заболени, поради тоа што граѓаните недоволно се грижат за почитувањето на препораките за носење маски и одржување дистанца.
Епидемиологот на Институтот за јавно здравје на Црна Гора (ИЈЗ), Драган Лаушевиќ, рече дека строгото почитување на здравствените мерки или целосно затворање на државата се два начина за решавање на сложената епидемиолошка состојба во Црна Гора, пренесува РТЦГ.
Во Клиничкиот центар во Подгорица се лекуваат рекорден број од 131 заразен пациент, а во ковид-болницата во Бар има 113 лица. Власта воведе нови мерки за затворање на Подгорица, Никшиќ, Цетиње, Херцег Нови, Улцињ и Плужине, а тие се однесуваат и за Будва и Тиват, во кои е забранета работа на угостителските објекти.