Српскиот претседател, Александар Вучиќ во Њујорк се сретна со функционери од американскиот Стејт департмент, помошникот на државниот секретар, Филип Рикер, и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, со кои разговараше за можното отстранување на препреките со цел да продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина, соопшти српското претседателство.
Вучиќ на состанокот, на маргините на Генералното собрание на ООН, рече дека Србија е подготвена да се врати на дијалогот по укинувањето на таксите што Косово ги наметна врз српските производи. Вучиќ додаде дека искрено се залага за постигнување на реален и одржлив компромис во решавањето на косовското прашање, се наведува во соопштението.
– Тој компромис би морал да се земе в предвид и да се почитуваат интересите на тамошните Срби, како и зачувувањето на државните и националните интереси на Србија – изјави Вучиќ.
Како што се наведува во соопштението, Вучиќ и американските функционери разговарале и за ситуацијата на Западен Балкан, согласувајќи се дека мирот и стабилноста се од суштинска важност за политичкиот и економскиот напредок, како и за европскиот пат на целиот регион.