Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ во пресрет на денешните, саботни протести „Еден од пет милиони“, изјави дека секој има право мирно да протестира во Белград и низ цела Србија, но дека полицијата никому нема да дозволи блокади на автопатите или нови упади во телевизиите.
– Никому нема да му биде забрането да се собира или да шета низ улиците. Но, нема да биде дозволена блокада на автопатите. Може да се обидат, но им советувам да не го прават тоа. Тоа никаде во светот, не е дозволено, изјави Стефановиќ на прес-конференција.
Тој додаде дека полицијата ќе има „адекватен број“ на луѓе, за да ги спроведе потребните безбедносни мерки.
– Ќе имаме повеќе луѓе околу Радио-телевизија Србија (РТС), бидејќи луѓето таму се загрижени. Ќе имаме доволно луѓе за да заштитиме кого било од каков било вид насилство. Но, ги молам, немојте да се впуштате во насилство, бидејќи нема потреба од тоа. Протестирајте мирно и кажете што имате, само не кршете ништо и не се заканувајте никому – нагласи Стефановиќ.
Министерот ги повика полицајците да реагираат и секому кој ќе ги нападне „веднаш да му стават лисици на рацете и да го однесат пред обвинител“.
Во текот на минатиот викенд поради учество во антивладините протести беа уапсени 18 лица. Според официјалните податоци на српската полиција, осуммина од нив беа уапсени поради сторени кривични дела.