Проблемот со мигрантите во БиХ доби и меѓуетнички карактер, а кај месното население се пренесе стравот од можно доселување на странците во местата каде што живее српско население
Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина се противи на планот камповите за мигранти да бидат формирани во српските населби. Тој најави дека претставниците на Република Српска ќе се спротивстават на настојувањето на бошњачката политичка елита, проблемот со сместувањето на мигрантите да се реши на овој начин. Според Додик, мигрантската криза во БиХ е на самиот врв и предупреди на можно влошување на состојбата со доаѓањето на претстојната зима, поради несоодветните услови во постојните сместувачки капацитети.
– Од федералното ниво на БиХ, во чија надлежност се прашањата за миграцијата, не е ништо сторено. Отсуствува суштински пристап, а проблемот со мигрантите останува отворен – вели Додик.
Кампот „Вучјак“ кај Бихаќ ќе биде затворен во наредните седум дена, а оваа одлука е донесена по константните притисоци од меѓународната заедница. Околу 800 мигранти, кои престојуваат во кампот, ќе бидат распоредени во другите прифатни центри во земјата, пишува порталот „Кликс.ба“.
– Во тек е решавање на прашањето за селење на мигрантите од привремените прифатни центри, од објектите што се во приватна сопственост во објекти што се во владение на БиХ – изјави Драган Мектиќ, министер за безбедност во БиХ.
Полицијата во унско-санскиот кантон на улиците во Бихаќ спроведува засилени мерки на безбедност, поради зголемениот прилив на мигранти во последните денови. Во меѓувреме, Градскиот совет на Бихаќ даде согласност да биде формиран привремен прифатен центар за мигранти на локацијата меѓу Бихаќ и Босански Петровац.
Проблемот со мигрантите во БиХ доби и меѓуетнички карактер, а кај месното население се пренесе стравот од можно населување на странците во местата каде што живее српско население. Претседателот на Собранието на општината Источен Дрвар, Душко Агиќ, во изјава за агенцијата „Срна“, рече дека неговата општина ги поддржува Србите во Федерацијата на БиХ во намерата да се спречи српското село Липа кај Бихаќ да стане мигрантски центар. Според него, префрлањето на мигрантите на ова подрачје ќе доведе до иселување на Србите.
– Со ова српското население во федерацијата повторно би морало да се иселува од своите огништа, а тоа е очигледно и нечија цел – вели Агиќ.
Одлуката за новата локација за мигрантскиот центар е со намера мигрантите да бидат отстранети од населените места на подрачјето на Бихаќ. Претседателот на Одборот за заштита на правата на Србите во ФБиХ, Ѓорѓе Радановиќ, во изјавата за медиумите предупреди дека Србите ќе се организираат и по секоја цена ќе го спречи преселувањето на мигрантите во српското село Липа.