Како контраодговор на затворените српски продавници, косовскиот претседател Хашим Тачи предложи одлука за припојување на албанските општини на југот на Србија
Српските продавници на северот на Косово ќе бидат затворени на неопределен период. Во „штрајкот“ на продавачите на прехранбени производи, кој започна во понеделникот, им се придружија и сопствениците на продавниците за облека, угостителските објекти, дури и таксистите. Од понеделникот не работат и пекарниците и бензинските пумпи. Причината за затворањето на услужните објекти во северниот дел на Косово, е тоа што сопствениците на продавници се оневозможени да работат по едностраното воведување високи царини за увозот на производи од Србија.
Претседателот на Здружението на стопанствениците од северот на Косово, Радош Петровиќ, за „Политика“ изјави дека продавачите биле изложени на висок притисок од страна на косовските служби, полицијата и инспекторите.
Како реакција на протестот на српските фирми во Бошњачкото Маало во Северна Митровица, завчера пристигнаа два камиона со кои беа доставени основни прехранбени производи од еден албански хипермаркет. Камионите биле натоварени со масло за јадење, шеќер, пелени и средства за хигиена, но, како што информираат српските медиуми, никој од локалното население не бил заинтересиран за купување на овие намирници. Тие ја сметаат изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за отворање големи маркети, за нова провокација на Приштина.
По едностраното воведување на царините за 100 отсто за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина, безбедносните служби на Косово ја интензивираа акцијата „Челичен прстен“, за да се прекинат сите канали од кои се доставуваат храна и други производи од централна Србија во продавниците во северниот дел на Косово.
Новинарката на „Данас“, Тамара Спаиќ, состојбата во четирите српски општини, по најавата за затворање на продавниците, ја опиша во текстот со наслов „Граѓаните на северот на Косово прават резерви на брашно и лекови“. Тоа предизвика остра реакција од претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој го обвини овој опозициски медиум дека е во координирана кампања со косовските функционери за прикажување на нивната приказна. Во репортажата на „Данас“ се наведува дека „хуманитарната катастрофа“ не е исклучиво производ од воведувањето на царинските такси, туку и резултат на домашната српска политика, која придонесува продавниците во северниот дел на Косово да бидат празни.
– Вистината е дека оваа власт ги малтретира Србите на Косово. Политиката на Вучиќ е идентична на политиката на Рамуш Харадинај и на Хашим Тачи. Впрочем, Вучиќ води кампања против сопствените граѓани – вели Спаиќ.
Милица Андриќ Ракиќ, новинарка на порталот „Коссев“ од Косовска Митровица, вели дека на власта најмногу ѝ пречи што се пишува за криминалот на северот на Косово.
– Одговорното државничко однесување би било да се занимаваат со безбедносната состојба. Наивно е да се верува дека вистината може да се скрие. Ние сме мала заедница и најдобро знаеме како се доаѓа до профит – вели Андриќ Ракиќ.
Како контраодговор на Приштина се смета одлуката на косовскиот претседател Хашим Тачи во приштинскиот парламент да поднесе предлог-резолуција за барањето на Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓа за припојување кон Косово.
Во три точки Тачи предлага да се усвои резолуцијата со која се предвидува, како што се наведува, легитимните барања на Албанците од овие три српски општини да бидат дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина, а претставниците на нивните политички партии дел од тимот за дијалогот.
Приштинска „Коха“ пишува дека со предлогот Тачи од пратениците побарал да ја почитуваат политичката волја на Албанците изразена на референдумот во 1992 г. за припојување кон Косово, потврдена со борбата на таканаречената ослободителна војска за Прешево, Медвеѓа и Бујановац.
Косовскиот парламент вчера ја заврши вонредната седница за правата на Албанците што живеат во трите општини на југот на Србија, Прешево, Бујановац и Медвеѓа, а за резолуцијата во 13 точки не се гласаше поради недостиг од кворум.