Осум припадници на Безбедносните сили на Косово (ФСК) од српска националност, од Баталјонот за брзи интервенции, побарале демобилизација, односно прекин на договорот со ФСК, со образложение дека имаат многу голем притисок од официјален Белград, објави приштинската телевизија Клан Косова.
Со осумте Срби состанок одржале заменик-министерот за ФСК, Агим Чеку, и командантот на баталјонот, Берат Шаља, кои се обиделе да ги одвратат од намерата.
Чеку во телефонска изјава за телевизијата Клан Косова рече дека барањето за демобилизација на осумте припадници на ФСК ќе биде разгледано од страна на неговото министерство и одлуката ќе биде донесена во законскиот рок од шест месеци.
Заменик-министерот за Безбедносните сили на Косово (ФСК), Бурим Рамадани, изјави дека Владата ги завршува подготовките за трансформација на ФСК, по пат на законски измени, во војска на Косово, но без да се смени името на оваа вооружена формација, јави дописникот на МИА од Приштина.
Рамадани во интервју за телевизијата Клан Косова рече дека по овој процес, кој треба да заврши во текот на оваа есен, ќе се направи обид и за промена на Уставот, за да се смени името, но трансформацијата ќе се изведе и без тоа.
Според него, овој процес не е поврзан со преговорите меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија, бидејќи такво нешто никогаш не побарале ниту „пријателите од меѓународната заедница“.
– Процесот на дијалогот и процесите на ФСК се сосема одвоени, бидејќи ФСК има војнички процедури што не можат да се постават на политички нивоа – посочи Рамадани.
Тој нагласи дека нема ниту притисоци од меѓународниот фактор за овие процеси да се поврзат еден со друг.
– Намерата на институциите е транзицијата да се изврши по пат на уставни измени, бидејќи тоа ни овозможува ФСК да го смени името. Меѓутоа тоа не ја блокира можноста новиот мандат на ФСК да се направи преку законски измени. Со закон ќе го смениме мандатот, но не и името, а тоа ќе се случи на есенската сесија на косовското собрание – истакна Рамадани.