Сите продавници за храна и за други стоки како и киосци во северниот дел на Косово вчера беа затворени во знак на протест поради трговска блокада и 100-процентните царини што Приштина ги наплаќа при увоз на стоки од централна Србија.
Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Србија Вељко Одаловиќ вели дека затворањето на продавниците е апел за предупредување на меѓународната заедница.
– Србите мораат да го дигнат гласот, не можат да молчат над тоа што го прави Приштина. Меѓународната заедница континуирано говори за тоа дека треба да се укинат таксите. Приштина одбива да го строи тоа затоа што ЕУ не го бара сериозно тоа – изјави Одаловиќ во разговор за РТС:
Седум месеци откако косовската влада воведе такса од 100 отсто за стоките од Србија и Босна и Херцеговина, од Северна Митровица велат дека нема артикли за продавање, особено млечни производи, брашно, масло за јадење и други производи.
Радош Петровиќ, претставник на Друштвото на бизнисмените од северот на Косово во изјава за Радио Слободна Европа на албански јазик, вели дека продавниците биле затворени поради таксата и неможноста на бизнисмените од северот на Косово да се занимаваат со основните активности.