Отворената закана на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, во која заговара испраќање бугарски војници во Македонија, а случајно или не се совпаѓа и со американските најави за распоредување оклопни возила на Балканот, ги доведува во опасност односите со соседите што сѐ уште не се во ЕУ

Најавите на бугарскиот министер за
одбрана за влегување на бугарска војска на македонска територија како повод

Каква опасност крие изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов со која тој јавно се закани дека ќе го испрати инженерскиот полк на бугарската армија да ги отстрани сите споменици од нашата држава што не одговараат на бугарските историски читанки? Какви последици може да има едно такво ѕвечкање со оружје на Балканот? Оваа дилема се актуализира периодов во домашната и регионалната јавност, по неговото интервју за бугарското радио „Дарик“.
Случајно или не, неговото заговарање за испраќање бугарски војници во Македонија се совпаѓа и со други најави за распоредување војски во регионот. Имено, светските медиуми неделава информираа дека Пентагон својот втор оклопен полк на копнената војска што е стациониран во Германија ќе го префрли во други европски земји, поблиску до Русија, меѓу кои се споменува и Бугарија. Шефот на Пентагон, Марк Еспер, информира за јавноста дека во моментов за овие планови се воделе сериозни преговори и со бугарската влада за дислоцирање на вториот американски оклопен полк на копнената војска од Германија во Бугарија.
И додека бугарскиот министер за одбрана добива кураж од „вујко Сем“ со нови оклопни единици, а наедно покажува „мускули“ на Македонија со закана од агресија, во Софија демонстранти фрлаат јајца и домати токму кон Министерството за одбрана на Каракачанов, поради намерата на Владата да купи уште една група авиони ловци „Ф-16“ од Америка. Како што пренесува Бугарското национално радио, причина за огорченоста на демонстрантите била реакцијата на министерот за одбрана Красимир Каракачанов во неделата, кога при положување цвеќе на хероите падобранци еден од незадоволните граѓани јавно побара оставка од министерот, велејќи му „народот не те сака“. На ова Каракачанов одговорил: „Дали си ти народот?“, по што деновиве улиците на Софија беа под протести.

Во ваков еден сплет на околности останува нејасно дали со чекорите на бугарскиот министер за одбрана Каракачанов и со своите безумни најави сака да ги засили позициите на Софија кон Скопје на својот пат кон Унијата, но и дали оваа денешна реторика кон Македонија утре може да се повтори кон Србија, Албанија или Турција, земји што исто така се аспиранти за влез во ЕУ. Колку овие изјави имаат клучна врска со европските вредности исто така е нејасно, коментираат некои од експертите.
Докторот на воено-политички науки, пак, Благоја Марковски во изјава за „Нова Македонија“ истакнува дека изјавите на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов во принцип не треба да се земаат со некаква сериозност. Според Марковски, иако е прв човек на одбраната на Бугарија, тој во моментов ниту смее ниту може да активира единица на своите сили да реагира надвор од нејзините територијални граници, а особено не во Македонија, која е исто така земја-членка на НАТО и аспирант на ЕУ.
– Каракачанов е познат како радикал и тој многу често има неодмерени изјави не само во врска со односите на Бугарија и Македонија, па од тој аспект не треба да се зема со никаква сериозност изјавата што ја искажува, особено имајќи предвид дека неговата политичка партија, која е коалициски партнер на власта во Бугарија, го губи својот авторитет меѓу бугарските гласачи – вели Марковски.

Имено, аналитичарот истакнува дека сега Македонија, како сојузник на една моќна алијанса, не треба да стравува од какви било побуди изјавата на Каракачанов да дојде до некаква реализација.
– Многу е сериозно да се размислува, а не и да се преземат одредени активности за вакви префрлања на воени единици во друга земја, особено што и двете земји се членки на НАТО, и тука нема никакви шанси таа негова изјава да дојде до некаква реализација. На изјавата треба да се гледа како на една несериозна констелација во односите меѓу Софија и Скопје, а самиот Каракачанов нема ниту можности ниту ингеренции, без оглед што е министер за одбрана на Бугарија, да преземе вакви активности. Во исто време, се надевам дека во овој наметнат спор ќе преовладува разумот и премиерите на двете земји ќе најадат заедничко решение, кое ќе придонесе за натамошниот развој на односите меѓу нас и Бугарија – подвлекува Марковски.


Шекеринска: Таков начин на комуникација не им доликува на членки на НАТО

Помина времето кога министри за одбрана во регионот даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни. Таков начин на комуникација не им доликува на земји-членки на НАТО, оцени вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска коментирајќи ги настапите во врска со Македонија на својот колега од Софија.


Владата ги осуди испадите на Каракачанов

Новиот портпарол на Владата, Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува да испрати протестна нота до Бугарија за последната изјава на тамошниот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека може да испрати инженерски полк во земјава за да ги демонтира сите споменици на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“, изјави дека Владата ги осудува во целост изјавите на Каракачанов.