Еден работник во државната управа во Србија поминува два-три часа во ефикасна работа, а преостанатиот дел од работното време е неискористен. Министерството за труд сака да ја смени оваа неповолна слика со ангажирање психолози, кои меѓу другото би ги анализирале работните места и би разговарале со вработените за евентуалните тешкотии во работата, за да се влијае на нивната ефикасност и за подобрување на квалитетот на услугите што им се потребни на граѓаните.
Ресорниот министер Зоран Ѓорѓевиќ најави дека од почетокот на следната година во својот тим ќе има и психолози, за да се поттикнат вработените со задоволство да ја извршуваат својата работа и да постигнуваат подобри резултати.
– Ангажирањето психолози во државната управа може да придонесе за поголема ефикасност на вработените во министерствата и другите организации – вели психологот Горан Томин за Танјуг.
Тој наведува дека, покрај професионалната селекција за избор на најподобните кандидати за одредено работно место, психолозите работат и на систематизација на работните места.
– Психолозите можат да придонесат на тој начин што ќе ги избираат најпрвин најдобрите кандидати, а потоа и со систематизација на работните места за да има подобри услуги. Психологот може да процени како се чувствува работникот на работното место, како соработува со колегите и претпоставените и како тоа влијае на неговиот ефект – вели Томин.
Министерот Ѓорѓевиќ вели дека неговото министерство ќе ангажира психолози што ќе работата на компетенција и анализа на работните места и ќе разговара со вработените за нивните обврски, за да може во новата систематизација да бидат точно опишани работните места.
– Сакам вработените да работат со елан и да заминат задоволни дома, а следниот ден да посакаат да дојдат на работа. Моја должност е на вработените да им овозможам да се чувствуваат среќно кога се на работа, чувството дека работат за добро на граѓаните – објаснува Ѓорѓевиќ.
Овие новини на Министерството за труд се дел од планот на Владата на Србија да воведе компетентност во сите министерства од почетокот на 2019 година.