Од минатиот месец сите производители и продавачи на прехранбени производи во Србија мора да ги обележат со баркодови, или QR-кодови. Иако стопанските субјекти и индивидуалните продавачи не се подготвени да ја исполнат оваа законска обврска, во Министерството за трговија во прв план ги ставаат интересите на потрошувачите, кои со паметните телефони ќе можат да го отчитаат кодот и да добијат информации за потеклото и карактеристиките на производот што го купуваат.
Посебен проблем за производителите е што баркодот може да се добие само од една овластена компанија во Србија, а за таа услуга на годишно ниво мора да издвојат околу 200 евра. Но реакциите на производителите се однесуваат на тоа дека соодветни баркодови мораат да имаат и производителите на овошје и зеленчук, како и пекарите и занаетчиите. Доколку не се во можност да го направат тоа, обврската е на трговците, кои се одговорни според законот, а пазарната инспекција може да им изрече и високи казни доколку на производите ги немаат овие ознаки.
Од Унијата на работодавци на Србија велат дека е нелогично секој пекарски производ да има свој баркод, а за 95 отсто од малите производители и претпријатија тоа е преголемо оптоварување.
Срѓан Дробњаковиќ, сопственик на фирма, предупредува дека потрошувачите од воведувањето на баркодот нема да имаат никаква корист, затоа што за читање на декларациите не им е потребен паметен телефон.
– Ова е дополнителен трошок за производителите. Не е јасно како и во кои сектори ќе се применуваат кодовите. Кај слаткарите е предвидено ако се пакуваат колачите во пакети, тие да имаат кодови, а доколку се продаваат на тезга, тоа не е задолжително. Кому му се потребни овие информации кога тие веќе се содржани на декларациите -вели Дробњаковиќ за „Данас“
За Мирослав Илиќ, директорот на овластената компанија за издавање кодови, оваа обврска е „поглед во иднината“.
– Можеби е малку прерано за примена на овој закон. Проблемот е што не се подготвени фирмите, затоа што е високо нивото на непознавање на работите. Законодавецот пропушти да направи некој правилник или упатство за тоа кои им се намерите – вели Илиќ.
Според некои информации, во подготовка е нов закон за фискални каси и обврската е секој производ да се обележи со баркодови, а ова е подготвителен период за воведување фискални каси со скенери, што ќе треба да обезбеди ефикасна наплата на данокот.