Нови жестоки судири избувнаа утрово на грчко-турската граница. Мигрантите и бегалците се судрија со грчката полиција и војската, а полицијата ги растера со солзавец и водени топови.
– Солзавец и експлозии ја претворија затворената тампон зона на Пазаркуле, на турската граница, во подрачје за борба меѓу мигрантите и грчката гранична полиција – јавува „Франс24“, во извештај од граничниот премин.
Додека турската полиција им забрани на новинарите пристап до импровизираниот камп за мигранти во Пазаркуле, некои мигранти успеваат да ги раскажат своите приказни.
Еден од нив, Реза – Иранец кој зборуваше за „Франс24“ за она што се случува на границата.
– Тоа се солзавец и чадни бомби, фрлени на границата од страна на грчката влада. Мојот пријател од Авганистан беше погоден од солзавец во близина на границата. Отидов да помогнам, а тие испалија солзавец кон мене и јас бев повреден – рече тој.
Раскажува дека условите за живот на кампот се влошуваат секој ден. Кампот има и долги редици за храна и основни потреби.
Мигрантите спијат под импровизирани засолништа во шума.
– Светот треба да знае што се случува овде и каде се одвиваат работите, затоа ви раскажувам – рече Реза.