Словенечкиот премиер Јанез Јанша добил пратка со закана за смрт за нему и неговото семејство, а слична закана добил и министерот за одбрана Матеј Тонин. Според словенечката телевизија, премиерот добил смртни закани во пратка која била испратена на негова приватна адреса, што го потврдиле и од кабинетот на премиерот.
Полицијата го истражува случајот, пренесува Хина.
Медиумите објавија дека Јанша и Тонин во петокот добиле писма на нивните адреси, кои содржеле смртни закани и во кои имало „муниција од поголем калибар“, а заканите биле испратени и до членовите на семејството на Јанша.
Нова24.тв, основана од Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша, вели дека ова не е првпат на ваков начин да му се закануваат на словенечкиот премиер.
Телевизијата на својот портал оцени дека е очигледно дека тоа е „последица на создавање психоза од мејнстрим медиумите“.
– Дали конечно ќе ги отрезни оние кои се уште веруваат во добрите намери на потомците на комунистичката револуција – се вели во текстот.
Јанша често ги обвинува мејнстрим медиумите дека од политички причини се на страната на левицата, која сака да ја собори неговата влада, како и тоа дека медиумите и левичарската опозиција стојат зад протестите кои бараат предвремени избори.