Европската Унија треба да покаже посветеност на Западен Балкан, затоа што слабеењето на нејзиното влијание ќе ги поттикне националистичките лидери да ја зголемат тензијата со соседите, а потенцијална точка на вложување би можела да биде Српската православна црква во Црна Гора и на Косово, оцени Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).
Во анализата под назив „Моќта на перспективата: Зошто членството во ЕУ и натаму е важно на Западен Балкан“, Европскиот совет предупредува дека ако ослаби влијанието на ЕУ, ќе биде загрозена и иднината на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција.
„ЕУ би требало да покаже посветеност на Западен Балкан, поттикнувајќи ги државите да ги решат отворените спорови, за бидат подобри кандидати и да ја зголемат безбедноста во регионот“, се наведува во анализата.
Недоволната посветеност на процесот на проширување на ЕУ, што се гледа и низ француското вето во октомври 2019 година, за почнувањето на преговорите со Македонија и со Албанија, го ослабе влијанието на ЕУ во регионот, дури и во земјите што сакаат да ѝ пристапат на ЕУ.
Во продолжение даваме краток приказ за билатералните односи меѓу земјите од регионот што се содржани во извештајот на ЕЦФР.
Србија и Косово
Заштита на српските цркви
Српско-косовскиот однос, од сите проблематични билатерални односи на Балканот, е веројатно најтежок за решавање. Има многу технички проблеми, кои треба да се решат од двете страни, а тоа зависи од можноста партиите да постигнат консензус за високата политика. Опструкцијата на Белград во спроведувањето на многуте технички договори се сведува на нејзиното непризнавање на државниот суверенитет на Косово, додека неподготвеноста на Приштина да ги исполни некои од своите ветувања е мотивирана од стравот дека Србија сака да го поткопа своето функционирање како независна држава.
Во 2011 година, Србија и Косово започнаа дијалог олеснет од ЕУ, кој траеше седум години до 2018 година. Дијалогот опфаќа широк спектар на прашања. Системот за образование на српски јазик на Косово еa целосно одвоен систем од косовскиот образовен систем и го организира и го води српското министерство за образование. Состојбата на СПЦ на Косово е особено чувствително прашање. Србија сака во преамбулата на косовскиот устав да признае дека СПЦ е дел од српското културно наследство. Несогласувањата околу ова прашање доведоа до тоа Србија да го спречи пристапувањето на Косово во УНЕСКО.
Србија и Хрватска
Спорна границата на Дунав
Најновиот извештај, од 2019 година, заклучи дека меѓу Србија со Хрватска постојат неколку спора, кои предизвикуваат раздор помеѓу овие две држави, меѓу нив и неодредена граница. Неразграничената територија меѓу двете соседни држави опфаќа меѓу 100-140 квадратни километри, главно по течението на реката Дунав во должина од 138 километри. Деведесет проценти од оваа област моментно е под српска контрола. Хрватската позиција е дека старите општински граници лоцирани покрај реката, засновани врз земјишниот регистар на Австроунгарската Монархија, треба да бидат линија на разграничување. Хрватска тврди дека Уставот на Југославија ги признал овие стари општински граници, но тоа го оспорува Србија. Српскиот став е дека средината на Дунав треба да биде гранична, иако самиот тек на реката не е постојан и сè уште се менува. Во раните 2000-ти беше формирана билатерална комисија за решавање на ова прашање, но не е активна во последните години. Бидејќи едностраното вето од Хрватска може да го загрози процесот на пристапување на Србија. Меѓу двете земји не постои договор и околу почитувањето на малцинските права, особено на Србите што живеат во Хрватска.
Хрватска и Босна и Херцеговина
Проблем за мостот за Пелешац
Во својот последен аналитички извештај за Босна и Херцеговина, ЕУ оцени дека билатералните односи меѓу Босна и Хрватска се генерално добри, но исто така, забележа и постоење „отворени прашања во врска со границата на копно и море“. Хрватска и Босна и Херцеговина ја оспоруваат својата поморска граница, која се протега помеѓу полуостровот Пелешац од хрватска страна и полуостровот Клек од босанска страна. Во 1999 година, двете држави потпишаа договор за границата, кој веднаш беше ставен под прашалник од двете страни и со тоа не успеа да го реши прашањето.
До 2022 година Хрватска планира да изгради мост за поврзување на полуостровот Пелешац со Дубровник. Мостот ќе го блокира пристапот на БиХ до меѓународните води, и така Босна се спротивставува на проектот, но досега БиХ не беше во можност политички да постапи по ова прашање, бидејќи не може да донесе унифицирана државна позиција поради внатрешни несогласувања, особено со Република Српска. БиХ има и други гранични спорови со Хрватска во близината на Бихаќ, покрај реката Уна кај Костајница.
Албанија и Грција
Чекор назад во соработката
Албанија и Грција традиционално одржуваа блиски односи заради нивните силни историски и културни врски, присуството на грчкото малцинство во Албанија и албанската имиграција во Грција. Од неодамна, билатералните односи започнаа да се развиваат, особено од крајот на комунизмот во Албанија, кога двете земји потпишаа многу меѓудржавни договори. Грција е најголем инвеститор во Албанија и важен трговски партнер и донатор на помош за земјата. Ако сака да влезе во ЕУ, Албанија мора да реши какви било нерешени прашања со Грција. За да се расчисти патот кон пристапувањето на Албанија во ЕУ, во 2017 година започна дијалог на високо ниво меѓу Албанија и Грција под Владата на СИРИЗА. Новата грчка влада предводена од националистичката партија Нова демократија засега направи чекор назад; решавањето на нерешените проблеми со Албанија не е високо на неговата агенда. Неколку прашања меѓу Албанија и Грција сè уште предизвикуваат тензии меѓу двете држави, како што е заштитата на малцинските права, разграничувањето, изградба на гробишта во Албанија за грчки војници.
Босна и Херцеговина и Србија
Нема преговори за демаркација
ЕУ верува дека билатералните односи меѓу Босна и Херцеговина и Србија се добри, но нејзините извештаи за напредокот ја наведуваат потребата за склучување преговори за демаркација на границата. Територијата на Босна и Херцеговина и Србија е околу 40 квадратни километри по должината на реката Лим, сместена во долниот тек на реката Дрина. Лим тече од Црна Гора преку регионот Санџак, прекрстувајќи ја границата со Србија и Босна и остава неколку српски и босански села практично во другата земја. Исто така, на границата има две хидроцентрали, „Зворник“ и „Бајина Башта“, кои официјално ѝ припаѓаат на Србија.
Решението би било преку размена на територии, но повторно внатрешното несогласување во рамките на босанските институции го отежнува решавањето на ова прашање.
Црна Гора и Србија
Успешен притисок од ЕУ
Европската Унија во наредниот период треба да ги земат предвид предизвиците со кои се соочува црногорската влада, со изгласувањето на новиот закон за слобода на вероисповед во Црна Гора. Во тој контекст Венецијанската комисија треба да постави насоки за евалуација на овој закон, имајќи предвид дека комисијата во целина го оцени законот како позитивен, со изнесување на некои помали критики, се констатира во извештајот на ЕЦФР.
Како пример за позитивно влијание на ЕУ се наведува договорот за демаркација, кој беше потпишан меѓу Црна Гора и Косово во 2018 година. Ова прашање немаше да биде решено без притисокот од ЕУ.
Македонија и Грција
Многу нерешени технички детали
Oд потпишувањето на Преспанскиот договор не постојат нерешени прашања меѓу Македонија и Грција. Но содржината на договорот остава да бидат решени многу технички детали, чија реализација во голема мера зависи од постојаното постоење политичка волја од обете страни. Влијанието на француското вето за членство на Македонија во ЕУ може да ја загрози иднината на договорот. Спроведувањето на договорот бара многу практични и скапи промени во Македонија, како што се ажурирање на името на земјата во имињата на јавните институции, деловни активности, трговски марки, брендови, службени документи, вклучувајќи пасоши, лични карти, возачки дозволи, регистарски таблички од МК во НМК, издавање нови пари, модифицирање на училишните наставни програми и учебници со отстранување на ревизионистички референци, кои може да значат „присвојување“ на грчка Македонија. Во практика Грција, како и секоја земја-членка на ЕУ, има моќ да стави вето на отворањето и на затворањето на поглавјата за преговори со Македонија.
Македонија и Бугарија
Во прашање е македонскиот идентитет
Односите меѓу Македонија со Бугарија, исто како и со Грција, содржат закани за нејзиниот процес на интеграција во ЕУ. Владата и општата и стручна јавност во Бугарија го доведоа во прашање македонскиот идентитет, особено постоењето на посебна националност и јазик. Врз основа на ова, во Бугарија ги оспоруваат историското наследство, спомениците и симболите на Македонија.
Бугарија исто така побара од Европската комисија да не го нарекува јазикот „македонски“, како што е предвидено со договорот од Преспа, туку „службен јазик“ на Република Северна Македонија.
Во 2017 година, Македонија потпиша договор за пријателство со Бугарија, кој исто така го користи терминот „службен јазик“, наместо „македонски“. Во моментов, ЕУ користи и „македонски јазик“ и „службен јазик“, додека Обединетите нации го користат терминот „македонски јазик“