Полицијата во Котор распиша потерница по Арсеније Становиќ поради основано сомневање дека пред три дена во населбата Доброта во Котор брутално ја убил украинската државјанка Анастасија Лашманова, со која претходно бил во емотивна врска.
Како што наведува црногорскиот портал „Вијести“, ова го потврдиле неколку извори од врвот на Дирекцијата на полицијата. Откако истражителите дошле до сознание дека трагите водат кон Становиќ, доцна синоќа до одделенијата за внатрешна безбедност на Црна Гора распишаа потерница за него.
Според сомневањата на полицијата, момчето кое се сомничи за злосторството бил во станот на Лашманова, каде дошло до караница меѓу нив која завршила трагично. Расфрланите работи во станот, како и трагите од крв укажувале дека жртвата се борела за време на нападот.
Во истрагата за убиството на украинката Анастасија Лашманова, чие тело беше пронајдено во петокот вечерта во нејзиниот стан во населбата Доброта, полициските службеници сослушаа повеќе лица меѓу кои и таткото на Арсеније Становиќ, кој е осомничен за убиството.
Како што пишува весникот „Побједа“, таткото на Становиќ е висок полициски службеник. При идентификација на осомничениот за убиството, полицијата морала да ги прегледа снимките од камерите поставени околу зградата во која живеела Лашманова, како и да направи анализа на телефонските повици што жртвата ги направила во последните месеци пред нејзината смрт. Увидот траел до доцна во ноќта, а по објавување на веста за смртта на Лашманова, полицијата ги блокирала сите излези од градот и ја зајакнала контролата.
До сознание за суровото злосторство, инспекторите дошле откако добиле повик од нејзина пријателка, која ги информирала дека се сомнева дека нешто ѝ се случило. Таа пробувала да дојде во контакт со неа, но никако не можела да ја добие. Отишла до нејзиниот стан, но Лашманова не отворала. Тогаш повикала пожарникари кои ја разбиле блиндираната врата, каде што полицајците затекнале застрашувачка глетка-главата и била згмечена, а на нејзиното тело имало повеќе убодни рани. Насекаде по станот имало траги од крв.
Лашманова во Црна Гора дошла пред неколку години и работела како келнерка. За многу краток период таа станала моќна и влијателна личност. Имотот кој го поседувала според проценките вредел околу 105 милиони евра. Таа била директорка на компанијата „Си Трејд“, која пред три години го купила тиватскиот хотел „Мимоза“ и на тоа место го изградила хотелскиот комплекс „Перла”. Лашманова била сопственик и на салонот за убавина „Фем Фатал” кој е лоциран во хотелот „Тре Кане“ во Будва, пишува „Побједа“.