Директорката на библиотеката во Лазаревац нареди симнување на изложбата со карикатури што беше организирана во рамките на одбележувањето на 9 ноември, Светски ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот
Локалните власти во Лазаревац наредија да се симнат карикатурите на Душан Петричиќ и Предраг Кораксиќ од просториите на градската библиотека што беа дел од изложбата „Карикатурите од нашиот живот“. Изложбата беше организирана во рамките на одбележувањето на 9 ноември, кој е Светски ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот.
– На функционерите од владејачката партија по сѐ изгледа им пречи тоа што голем број граѓани во Лазаревац се собраа во библиотеката, за да присуствуваат на првиот ден од изложбата и на трибината со наслов „Која е твојата црвена линија?“. За жал, изложбата не ја дочека ни првиот работен ден – се наведува во соопштението на организаторот на изложбата „Новиот оптимизам“.
Овој потег на локалните власти го покажа сето она на што учесниците на трибината предупредуваа, а тоа е „се поголемата фашизација на општеството, злоупотребата на власта и спречувањето на елементарните човекови права“. Од „Новиот оптимизам“ најавуваат дека ќе продолжат да ги организираат овие настани низ Србија, за да се разбудат и поттикнат луѓето на активизам, со поставувањето на прашањето која е твојата црвена линија.
Директорката на библиотеката „Димитрие Туцовиќ“ во Лазаревац, Јасмина Иванковиќ, за „Данас“ изјави дека немала никакви политички притисоци за симнувањето на изложбата на карикатури, а одлуката да го стори тоа била само нејзина.
– Трибината што е пријавена имаше за тема фашизам и антисемитизам. Меѓутоа, таа се претвори во политички собир, на кој, ненајавено, говореа и лидери на политички партии – вели Иванковиќ.
Текот на трибината бил пренесуван во живо на Фејсбук, за што директорката вели дека таа не дала согласност.
– Изложбата е симната затоа што времето на нејзиното траење не е однапред истакнато. Не е проблем таа да се врати, но е недозволиво нејзиното симнување да се доведува во контекст на политичките притисоци – нагласува Иванковиќ.
Претседателот на организацијата „Новиот оптимизам“, Бранислав Гута Грубачки, вели дека на трибината не учествувал никој од политичките партии, освен што во публиката беше присутен Зоран Лутовац, претседателот на ДС. Тој вели дека изложбата била симната прекуноќ и ја повика директорката да ги врати карикатурите и со тоа да ги симне сите сомневања дека над неа е извршен политички притисок.
Министерството за култура и информирање не побара да се забрани или да се казни „Данас“ поради објавените карикатури на насловната страница на весникот. Но ресорниот министер Владан Вукосављевиќ употребата на нацистички симболи ја оцени како непримерна
– Секое користење на симболите на најголемиот ужас во 20 век, па дури и во сатиричен контекст, е потсетување на најстрашните спомени на човештвото – вели Вукосављевиќ.
Ова не е прва реакција на ова министерство по повод вакви случаи, додаде тој и потсети на осудата за насловната страница на неделникот НИН, на која беше напишано „Работен логор Србија“, со илустрација на влезот на „Аушвиц“.
– Во двата случаи станува збор за употреба на асоцијација на нацизмот. Во карикатурата на „Данас“ во контекст со нацизмот, односно со Хитлер и Гебелс, се доведуваат народните пратеници. Министерството смета дека е непримерно користењето на овие симболи и поврзување на кој било од нашата политичка сцена со нацизмот – вели министерот за култура и информирање.
Прашањето е зошто сега се реагира, кога исто така и на насловната страница на „Илустрована политика“ пишуваше „Кучињата се пуштени“, на која беа фотографиите од весниците „Данас“, „Време“ и НИН. Но тогаш одговорот од надлежното министерство беше дека тие не се надлежни. За сѐ почестите испади на таблоидите во Србија, со кои секојдневно се кршат човековите права и се ставаат скандалозни наслови, министерот за култура рече дека Министерството во повеќе случаи поднесуваше пријави во Советот за печат. Засега такви пријави имаше за објавување наслови во три српски печатени медиуми.