Претседателот на здружението „Осиромашен ураниум“, Свето Ного, рече дека нема да станува збор за колективни тужби, туку за поединечни тужби на луѓето што заболеле од карциноми и за тужби што ќе ги поднесуваат нивните семејства
Првите тужби на српските граѓани што се заболени од карциноми ќе бидат против земјите од НАТО поради бомбардирањето со осиромашен ураниум и се очекува тие да бидат поднесени на крајот на септември и во октомври, пренесува Б92. Ова го најави и претседателот на здружението на граѓани „Осиромашен ураниум“, Свето Ного, и тој објасни дека тужбите ќе бидат поединечни.
На симпозиумот за последиците од бомбардирањето на СР Југославија со осиромашен ураниум во 1999 година, одржан на Универзитетот во Ниш, Ного изјави дека тужбите ќе ги поднесат оние луѓе што се заболени од карциноми и нивните семејства.
– Земјите-членки на НАТО ќе ги тужиме за материјална и за нематеријална штета. Тужби ќе поднесеме против пет земји, а по симпозиумот ќе биде договорено конкретно кои земји ќе ги тужиме – рече Свето Ного.
Тој додаде дека во наредните месеци ќе се формираат и работни групи што ќе ги пишуваат тужбите и додаде дека зад овој проект застанале и Адвокатската комора на Србија, Адвокатската комора на Белград и дел од Адвокатката комора на Ниш.
– Сѐ поголем е бројот на луѓе заболени од карциноми, а дури и некои бебиња се раѓаат со карциноми. Не признаваме дека тоа е „виша сила“, а како интелектуалци немаме право да молчиме за тоа – додава Ного.
Претседателот на организацискиот одбор на симпозиумот, Срѓан Алексиќ, рече дека судските процеси ќе бидат водени пред националните судови на земјите-членки на НАТО и оти за граѓаните на Србија е најбитно тоа што италијанскиот суд потврдил причинско-последична врска меѓу осиромашениот ураниум и заболувањето на војниците што престојувале на бомбардираната територија на Косово и Метохија.
– На војниците заболени со канцер и на семејствата на починатите, судот во Италија им одобри надоместок на штета во висина од 200 до 500 илјади евра. Ние ќе побараме иста отштета за нашите граѓани – вели Алексиќ.
Според неговите зборови, на Италијанците им били потребни пет години, за на суд да ја докажат причинско-последичната врска меѓу бомбардирањето со осиромашен ураниум и заболување од канцер. Поради овие докази, на Србите што се соочуваат со истиот проблем им е олеснет патот и до првата пресуда, која треба да пристигне за околу две години.
– Апелираме да се дојде до договор и до решение по мирен пат, бидејќи доколку на италијанските граѓани им е исплатен надоместок на штетата, не гледам причина зошто не би било направено тоа и за нашите граѓани – истакнува Алексиќ.
Членот на италијанската Комисија за истражување на последиците од бомбардирањето со осиромашен ураниум, Доменико Леџеро, изјавил дека сите пресуди во Италија се донесени во корист на војниците, а се осудувачки за Министерството за одбрана.
– Во Италија се забележани над 80 случаи. Војниците добија големи обесштетувања – изјави Леџеро.
Тој исто така додал дека штетното дејство од осиромашениот ураниум врз здравјето на луѓето е докажано уште во 1987 година.
Раководителот за помошта на парламентот на Русија во Србија за време на 1990-тите години Сергеј Бабурин рекол дека Србија многу задоцнето реагира со тужбите, но уште не е сосема доцна да ги поднесе, бидејќи „работите не треба да бидат оставени какви што се, затоа што сите ќе бидат соучесници во една голема неправда“.
Бабурин рекол дека се осудени голем број луѓе што си ја бранеле својата земја, а не се осудени оние што ја бомбардирале. На дводневниот симпозиум во Ниш учествувале триесетина српски и меѓународни стручњаци во областите на правото, медицината, техниката, атомската физика и екологијата.