Повеќе или помалку, растот на БДП во земјите од Балканот е квалификуван како значителен
Според истражувањето на Светската банка насловено „Пролет 2021“, објавено минатата недела за економските политики на Западен Балкан, се прогнозира дека крајот на годината државите од регионот, меѓу кои и Македонија, ќе го завршат со реален раст на стапката на БДП со просек од околу четири отсто и покрај отежнатите економски услови предизвикани од пандемијата
Полугодишниот редовен извештај на Светската банка насловен „Пролет 2021“ за неодамнешните економски случувања и економските политики на Западен Балкан односно за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, говори дека државите од регионот сега имаат можност да ги забрзаат реформите за да ги ублажат овие ризици во услови на растечката јавна побарувачка за подобрени економски можности.
Имено, во извештајот на светската финансиска институција објавен минатата недела се прогнозира дека повеќето земји од опкружувањето до крајот на годината би завршиле со реален раст на својот БДП и во време на пандемија. Како што наведува анализата, Црна Гора се очекува до крајот на 2021 година својот БДП да го искачи најмногу во регионот, и тоа 7,1 отсто. Зад неа со 5 отсто на раст на БДП е Србија, потоа Косово со 4 отсто и Македонија и БиХ со 3,6, односно 2,8 отсто реален раст на БДП.
Извештајот истакнува дека во земјите во кои процесот на фискалната консолидација е напредна, нивниот јавен долг по малку се намалува и дека е важно да се зачуваат тие придобивки. Сепак јавниот долг останува висок во повеќето земји, а во јавната потрошувачка доминираат јавни плати и неопфатени социјални програми. Затоа, подобрување на ефикасноста и правичноста на јавната потрошувачка, како и зајакнување на даночната мобилизација остануваат приоритет за земјите од Западен Балкан.
Наспроти ова, според извештајот, од витално значење е земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите за зголемување на продуктивноста, стимулирање на растот и создавање работни места. Извештајот разгледува можности за политики во областите како политики на конкурентност, даноци, разновидност на финансискиот сектор и економско поврзување.
Според анализата, понатамошниот раст на економиите во Западен Балкан во периодот 2022 – 2023 година ќе биде со стапка од 4,1 – 3,4 отсто, со тоа што се очекува Македонија, Косово и Босна и Херцеговина да растат побргу отколку регионалниот просек.