Три лица починаа по несреќата на аеродромот „Сабиха Гокчен“ во Истанбул што се случи вчера. Турските медиуми јавија дека 180 луѓе се повредени.
Авионот на „Пегасус ерлајнс“ полетал од Измир, а несреќата се случила при слетување на аеродромот во Истанбул. Авионот се излизгал околу 60 метри од пистата и се преполовил откако паднал во ров висок 30 метри.
– Длабоко сме погодени од несреќата. Но, избегнавме поголема трагедија, бидејќи во урнатиот авион имаше можност да избувне пожар – вели Али Јерликаја, гувернерот на Истанбул.
Според првичните информации, во несреќата немаше жртви, но тројца повредени им подлегнале на повредите во болница. Во авионот имало 177 патници и шест членови на екипажот.
– Се движевме околу 20 до 30 секунди. Потоа, авионот одеднаш излета од пистата. Сѐ се случи за само неколку секунди. Беше целосен хаос – вели еден од патниците.
Тој објасни дека откако авионот се преполовил, тој видел дека предниот дел е во ужасна состојба.
– Откако почувствував дека можам да излезам од моето седиште, веднаш го сторив тоа – изјави друг патникот.
Тој помогнал на неколку други патници да излезат надвор од урнатиот авион, а потоа веднаш почнале да трчаат бидејќи стравувале од експлозија.
Очевидецот Хасан Ејардин, кој се нашол во близина на аеродромот, го снимил целиот настан и се обидел да помогне.
– Откако слушнавме голем татнеж, се обидовме да пристапиме и да помогнеме, но бевме спречени од голем канал и не бевме во можност да стигнеме до урнатиот авион – изјави Ејардин.
Обвинителството во Анкара отвори истрага за несреќата. Аеродромот „Сабиха Гокчен“ е затворен за сообраќај, а летовите се пренасочени кон новиот аеродром во Истанбул.