Дополнителен притисок врз националните пазари на трудот ќе прават и економските мигранти, кои по епидемијата се враќаат во својата матична земја, а кои претставуваат значаен економски потенцијал за заживување на националните стопанства
На владите на земјите од Западен Балкан во наредните месеци им претстои борба на два фронта. Првиот е за побрзо справување со коронавирусот, со што помалку човечки животи. Вториот фронт се однесува на економската сфера и на зачувување на секое работно место што било отворено до раширувањето на епидемијата. Ова е особено значајно за секоја национална економија, затоа што со одржувањето на вработеноста на највисоко можно ниво побрзо ќе се преброди и рецесијата, која веќе сериозно ѝ се заканува на глобалната економија. Во наредните месеци дополнителен притисок врз националните пазари на трудот ќе прават и економските мигранти, кои по затворањето на големите компании во Западна Европа се враќаат во својата матична земја.
Процените се дека, по појавата на коронавирусот на Балканот, се вратиле околу 400.000 работници, кои претставуваат значаен економски потенцијал за заживување на националните стопанства, доколку тие бидат искористени во вистинско време и на вистински начин. Оттука и прашањето дали економските тимови во секоја од балканските земји имаат разработено визија или стратегија како да се задржат повратниците, со чие заминување трпеа домашните компании соочени со недостиг од квалификувана работна сила.
Засега, сите погледи на тие што ги водат економските сектори во земјите од Западен Балкан се фокусирани на санирање на штетите од примената на здравствениот концепт за „тотална“ изолација на населението (!) во време на коронавирусот, што влијаеше и на намалување на економската активност, но и на намалување на потрошувачката и фискалните приходи на државите, што во краен случај ќе се одрази и на зголемување на стапката на невработеност.
Хрватска, која прва ги почувствува последиците од ширењето на вирусот во Кина, а потоа и во Италија, прва излезе со пакет од 60 мерки што се насочени во поддршка на граѓаните и на домашните фирми. Темелна цел, како што објасни хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, е задржување на работните места и на ликвидноста на граѓаните и компаниите, што подразбираа и одложување на плаќањето на даночните обврски. Меѓу директните мерки се: пренасочување на средствата за зачувување на работните места во секторите погодени од епидемијата, продолжување на времетраењето на „постојан сезонец“, осигурување на исплатата на минималната плата на лицата со инвалидитет, одложување на плаќањето на обврските по различни основи…
– Хрватската економија е цврсто поврзана со европската. Еволуцијата на стопанските активности ќе зависи од успешноста на борбата против вирусот и од рестрикциите на економските активности.
Ако здравствените мерки даваат побрзи резултати, економските рестрикции побрзо ќе почнат да се намалуваат. Не очекуваме невработеноста да ги достигне максималните стапки. Сега се регистрирани помалку од 140 илјади невработени, што е за 250 илјади под рекордното ниво од 2014 година. Невработеноста во наредните месеци нагло ќе расте, но нема да биде на нивото од последната финансиска светска криза – изјави Борис Вујчиќ, гувернер на Народната банка на Хрватска.
Србија, која вчера го презентира пакетот помош за спас на економија, ќе одвои пет милијарди евра, а пари, освен со домашно задолжување, ќе бара и однадвор. Ова е само првиот чекор за да може домашната економија и граѓаните да ја пребродат кризата од пандемијата. Финансиската помош се однесува за големите и малите претпријатија, занаетчии, земјоделци, домаќинствата, кои ќе добијат олеснувања во плаќањата. Како што изјави претседателот Александар Вучиќ, економскиот пакет се базира на стабилната економска и фискална состојба во земјата, монетарната политика на централната банка и на високите државни резерви и умереното ниво на инфлација.
Како клучна мерка е вшприцување две милијарди евра од банките за ликвидност на претпријатијата и за поддршка на малите и средните претпријатија во вредност поголема од 700 милиони евра.
Словенија го донесе т.н. мегакорона-закон, каде што секој граѓанин и секоја фирма ќе добијат државна помош. Сите самовработени што поради епидемијата не можат да остварат приход ќе добијат 700 евра и платени придонеси, сите редовни студенти по 150 евра, семејствата со три деца по 100 евра, со над три деца – 200 евра.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за зачувување на националната економија предлага земјата да продолжи да произведува во текот на пандемијата на коронавирусот, за да ги одржи извозот и снабдувањето со клучните продукти. Во Турција случаите на заразата во земјата надминаа 10.000 лица, а досега Владата не му наложи на населението да остане во домовите.
Владата на Македонија пред две недели донесе првичен пакет на економски мерки за справување со кризата, а меѓу нив е и поддршка на фирмите за исплата на плати, 50 отсто субвенционирање на придонеси по вработен во фирма од секторите туризам, транспорт, угостителство и други компании погодени од коронавирусот во април, мај и јуни. Главните услови се компанијата да не го намали бројот на вработени од февруари, компанијата да не исплатила дивиденди, награди и бонуси.
Гувернерката на Народна банка на Македонија Анита Ангеловска-Бешоска вчера изјави дека „нашиот банкарски систем останува здрав и стабилен и тој има капацитет да се справи со шоковите што произлегуваат од корона-кризата“. Од Владата најавуваат и дополнителен пакет од 15 нови мерки што ќе бидат насочени во поддршка на приватниот бизнис.