– Отворивме нова ера на Балканот. Со попишаните договори од јануари 2022 година граѓаните на нашите три земји, Албанија, Македонија и Србија, слободно ќе може да минуваат на граница. Исто така се отвораат можности за слободен протек на стока и капитал, без да имаат потреба трипати да обезбедуваат документи што се поврзани со увозот и извозот. Со договорите се обезбедува увоз-извоз и на земјоделски производи и жив добиток врз основа на реципроцитет. Сѐ што е во сржта на иницијативата е во интерес на нашите граѓани – рече меѓу другото албанскиот премиер Еди Рама, на прес-конференција, со која заврши седмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана, Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама, неговиот македонски колега Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ го потпишаа договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, кој ќе овозможи воведување единствена работна дозвола за трите држави. Тројцата лидери потпишаа и договор за поврзување на системот за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан.
На самитот на „Отворен Балкан“, кој изминатите два дена се одржа во Тирана, беа потпишани и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните и договорот меѓу владите на Македонија и на Албанија за заемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (АEOС), како и договорот меѓу албанската и српската влада за заемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти (АЕОС).
На самитот во Тирана учествуваа и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ, Оливер Вархеи, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мејлинда Брегу, претставници на стопанските комори на Албанија, Македонија и на Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот.