Од Приштина пристигнуваат најави за постигнување конечен договор до крајот на годинава

СРБИЈА

Повлекувањето на високите царини за српските производи го отвори процесот за наоѓање решение за косовскиот спор, две децении по потпишувањето на Кумановскиот договор

Пред 21 година, на вчерашен ден, беше потпишан Кумановскиот договор, што значеше крај за нападите на НАТО на тогашната Сојузна Република Југославија. Со овој документ беше договорено повлекувањето на српската војска и полиција од Косово, а еден ден подоцна Советот за безбедност во Обединетите нации ја усвои Резолуцијата 1244. По повеќе од две децении, во Србија се гледа различно на овој историски настан, со кој запреа последните воени дејства на Балканот. За некои тоа е доказ за капитулација на српските воени сили, а за други тоа претставува документ на мирот. По пет дена од овој настан, кој се одвиваше во шаторите на воениот камп на НАТО во Куманово, беа прекинати воените дејства на Косово и Србија.

Претседателот на Центарот за надворешна политика Драган Ѓукановиќ, во разговор за РТС, изјави дека Кумановскиот договор донел мир, непрогласена капитулација, но и целосно повлекување на југословенската војска од Косово.

– Сето ова беше крунисано благодарение на Кумановскиот договор, по што почна процесот на доаѓање и меѓународно воено присуство на КФОР и УНМИК. Со ова е воспоставено некој вид меѓународно присуство за суштинска автономија на Косово во согласност со Резолуцијата 1244 – вели Ѓукановиќ.

Според Ѓукановиќ, тензиите на овој дел од Балканот продолжуваат, а особено ескалираа во 2004 година, со масовното иселување на Србите, за потоа да следува едностраното прогласување на независноста на Косово во 2008-та, а оттогаш се води процес за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Најважната лекција, смета Ѓукановиќ, што произлезе од овие случувања е што секоја дипломатска активност е подобра од секое нејзино отсуство.

– Тоа што беше понудено во февруари 1999 година, со пакетот на мировните преговори од Рамбуе беше многу поприфатливо од тоа што го добивме по бомбардирањето на почетокот во јуни – дециден е Ѓукановиќ.
По најновата разврска со изборот на новата косовска влада и укинувањето на царинските ограничувања за увоз на српски производи, во наредниот период се очекува нова динамика за завршување на процесот на нормализација меѓу Косово и Србија.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека косовските институции се подготвени да го продолжат дијалогот со Србија, објави вчера РТК2.
– Косово е подготвено, ние ќе работиме да бидеме што е можно поединствени и обединети. Само интеракцијата и координацијата гарантираат целосен успех – рече Тачи.

Тој додаде дека Косово ќе работи на спроведување на најновите договори постигнати со Србија и даде оптимистичка прогноза дека до крајот на годинава ќе биде постигнат договор со Белград.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека српската страна е подготвена за дијалог со Приштина, но дека за постигнување трајно решение треба да подразбере компромис. Тој при посетата на Краљево, во рамките на предизборната кампања во Србија за парламентарните избори во јуни, укажа дека се промениле меѓународните околности, а Косово повеќе го нема мнозинството во Обединетите нации и во другите меѓународни организации.

– Тие ја немаат и бланко-поддршката од некои западни земји, кои мислат дека ова прашање не е решено. Формирањето на заедницата на српските општини треба да му претходи на постигнувањето на конечниот договор – изјави Дачиќ.

Политичкиот аналитичар Драган Ѓукановиќ нагласува дека не е време за натпреварување на двете страни, туку за усогласување на заедничките активности, за да се дојде до заживување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.