По силниот земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, што утрово го погоди грчкиот остров Крит, следеа неколку послаби потреси, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ). Предизвикана е голема материјална штета, урнати се постари згради и други објекти, а според информациите од грчките медиуми, две лица се заробени во урнатините.
Земјотресот се случи на 20 километри југоисточно од градот Ираклион, на длабочина од два километри. Најблиска населба до епицентарот е Ано Арханес, која има 3.900 жители. Оддалечено е десет километри од местото на земјотресот.
Земјотресот е регистриран во 8,17 часот по средноевропско време, или 9,17 часот по грчко време.
Очевидци изјавија дека земјотресот бил исклучително силен и траел долго. Некои училишта веднаш беа евакуирани, локалните жители во паника истрчаа на улиците. Според првите информации, има материјална штета, особено на постарите згради и цркви.
Десет минути по првиот земјотрес, следел уште еден со јачина од 3,8 степени, а потоа се регистрирани уште неколку земјотреси.