Промената на границите на Западен Балкан се смета за една од најчувствителните теми во политиката на Европа. Ако е така, тогаш зошто во Брисел циркулира мистериозен нонпејпер кој повторно би се нафатил со промена на границите воспоставени по хаотичниот распад на Југославија, прашува Тони Барбер во неговата колумна за „Фајненшл тајмс“.
Еден корисен начин да се смират тензиите во регионот би било прифаќањето на сите шест земји од Западен Балкан во ЕУ. Но, овој проект се одвива толку бавно, што станува сè побезначаен како одговор на проблемите во регионот.
Како резултат на тоа, се покажа како невозможно да се сузбијат експанзионистичките соништа за локалните националисти кои посакуваат, на пример, Голема Србија, Голема Хрватска или пак Голема Албанија. Во меѓувреме, беше отворен простор за влијанија во регионот од други земји, главно Кина, Русија, Турција и земјите од Персискиот Залив.
Според документот, со поделбата на Босна и Херцеговина, ќе бидат задоволени желбите кои Србите во Босна ги имаа во 1990-тите години, како и долгогодишната цел на Хрватите во Босна, кои или ќе бидат присоединети со Хрватска, или ќе добијат специјални права.
Ова е речиси совршен рецепт за конфликт, да дури и целосна војна на Балканот, а најголемите губитници би биле Бошњаците кои би останале во распарчена и ранлива мини-држава, односно таква како што посакуваа босанските Срби и босанските Хрвати во 90-тите години на минатиот век.
Во нонпејперот исто така се споменува и наводниот „радикален ислам“ во Босна и Херцеговина. Со други зборови, кој и да го напишал, ги допира темите кои им се драги на популистичките кругови на десничарите ширум Европа.
За крај, тука е и идејата за спојување на Албанија и Косово, чие население главно е албанско, додека посебен статус ќе добие областа во северно Косово, каде што главно има српско население. Некои албански и косовски политичари отворено говорат и ја негуваат надежта за формирање на Голема Албанија.
На нивна заслуга, дипломатите на ЕУ и САД ги осудија предлозите наведени во документот. Но, Западен Балкан има очајничка потреба од поинтензивен ангажман од страна на ЕУ и САД. Колку подолго западните влади продолжуваат со запоставување на регионот, толку е поголема цената што на крајот тие ќе треба да ја платат, заклучува Барбер во неговата колумна.